Жена од Шуто Оризари со канцер на матка и гној, не ја носеле на дијализа поради непријатниот мирис

Возачот едноставно решил да не ја земе од дома и да не ја носи на дијализа, зашто „многу смрдела“ и другите пациенти кои се возеле во истото организирано комбе, се пожалиле

Четириесет и осумгодишната Сеаре од Шуто Оризари, е оставена на милост и немилост односно без лекарска грижа, во катастрофална здравствена состојба поврзана со нејзиното гинеколошко здравје, а за тоа институциите на системот се и неми и глуви.

Сеаре покрај тоа што има гинеколошки проблеми и е суспектна дека има канцер на матката, исто така е и пациентка на дијализа и трипати ндеделно треба да оди на прочистување на крвта. Меѓутоа, пред десетина дена, возачот едноставно решил да не ја земе од дома и да не ја носи на дијализа, зашто „многу смрдела“ и другите пациенти кои се возеле во истото организирано комбе, се пожалиле. Згора на се, жената нема ниту лични документи, живее во екстремна сиромаштија во една полупразна соба во делот од Шуто Оризари наречен „гето“ до дивата депонија, нема огрев, струја, храна, лекарства ниту лекарска грижа!

„Слободен печат“ контактираше со невладината организација Иницијатива за правата на жените во Шуто Оризари, која претставува единствената невладина организација која што било што направила за болната, изнемоштена и здравствено незгрижена Сеаре.

Директорката на организацијата, Салија Бекир Халим за „Слободен печат“ вели дека Сеаре во моментот се наоѓа дома во Шуто Оризари и не е згрижена во ниту една здравствена институција. Да биде трагедијата уште поголема, две деца на жената и починале.

Живее во многу неповолни услови и во екстремна сиромаштија. Во една мала собичка, донирана од лица кои живеат во странство. Нема ниту огрев, ниту ништо. Се обидуваме да добиеме лекарски извештај и да може да ја сместиме во институција за палијативна грижа, но за тоа некој треба да ги покрие трошоците. Сите се оградуваат. Миризбата не е од неодржување на хигиена, туку од гној и од што нема кој да ја третира. Ние купивме антибиотици, некои лекарства за кратко време, меѓутоа институционално треба да се реши нејзината состојба, вели Бекир Халим.

Единствената здравствена институција која што сработела нешто досега за Сеаре е Клиниката за гинекологија во комплексот клиники Мајка Тереза во Скопје. Таму Сеаре била однесена со приватна брза помош, повторно платена од невладината организација, каде што и е кажано дека можеби има канцер на матката но дека се потребни дополнителни испитувања. И после овој преглед, таа е пуштена дома, дополнителни прегледи не се прават, таа е упатена да седи во болка и здравствено незгрижена во Шуто Оризари.

Откако и беа извршени прегледите, специјалистот ни кажа дека се претпоставува дека се работи за карцином на грлото на матката во напреден стадиум за кој се потребни подетални испитувања, за да се утврди за кој вид карцином се работи. И беше препишана домашна терапија која ние ја обезбедивме а после сите прегледи кои и беа извршени, Сеаре ја вративме со амбулантното возило дома. Контактиравме со Центарот за дијализа каде што им ја објаснивме целата ситуација за Сеаре а од таму се согласија да продолжат со нејзиното лекување, велат од Иницијатива на жени од Шуто Оризари, од каде додаваат дека оваа жена е само еден од случаите кои завршуваат на ваков начин поради немањето матичен гинеколог во Шуто Оризари.

За некој ден, Сеаре ќе нема ниту лекови, ниту храна, а за огрев не станува ниту збор. Невладината организација Иницијатива за права на жените ќе стапи во контакт и со Центарот за социјални работи во Скопје за да се направи напор, жената да биде сместена на Геријатрија во Скопје, единствената здравствена институција од каде понудиле помош, но повторно за таа хоспитализација потребен е лекарски извештај кој уште го нема.

Во меѓувреме Сеаре вреска од болка десет дена во студената соба во Шуто Оризари каде што живее и е здравствено и психички срушена. Со оглед на тоа што Сеаре нема лични документи, не може да се отвори за неа трансакциска сметка за донации, па од невладината организација апелираат доколку граѓани сакаат да донираат за жената, тоа да го сторат лично во просториите на невладината, на улица Индира Ганди број 50.

Најмногу и се потребни огрев, храна, хигиенски призводи и лекови. Според Центарот за социјални работи, Сеаре се води како бездомно лице зашто живее во дивоградба. Исто така таа не е корисник на ниту едно социјално право.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот