ТЕЦ „Неготино“ / Фото: МИА

Жалбата од ЕСМ го враќа случајот со мазутот пред Вишото јавно обвинителство

Жалбата што ја вложи ЕСМ за затворањето на случајот со мазутот го враќа случајот со злоупотребите на мазут пред Вишото јавно обвинителство, откако Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го затвори случајот токму со изјави од претставници од ЕСМ дека немало никаква штета во случајот.

Актуелни претставници на ЕСМ дале искази кои биле клучни за да се затвори предметот со мазутот, вели обвинителката Коларовиќ

За премиерот одлуката на Обвинителството е скандалозна.

-ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, веќе вложи жалба на скандалозната одлука на Основото јавно обвинителство за гонење организиран криминал и очекуваме Вишото јавно обвинителство правилно да ги разгледа сите факти и да одлучи според тоа коешто е содржано во жалбата. Да почекаме што ќе одлучи Вишото јавно обвинителство па потоа да коментираме – изјави Мицкоски.

ЕСМ вчера поднесе жалба и побара контрола на целиот случај.

-Доставен е Приговорот од АД ЕСМ до ОЈО ГОКК и Вишото јавно обвинителство. Исто така, како што најавивме, поднесено е и Барање за контрола до Јавното обвинителство – велат од ЕСМ.

Левица пак денеска го обвини републичкиот јавен обвинител Ненад Савески дека иако има механизми, не прави проверка за начинот на кој е запрена истрагата.

-Иако ОЈО ГОКК ја запре истрагата, Законот за јавно обвинителство јасно му дава механизми на државниот јавен обвинител да постапи во оваа фаза од предметот, односно Савески може да побара увид во предметот со цел утврдување на законитоста на истрагата, како и да наложи нови вештачења или прибирање докази. Сепак, и покрај јасните законски алатки, државниот јавен обвинител воопшто не покажува волја да побара увид во предметот „Мазут”, ниту да отвори институционална проверка за начинот на кој е запрена истрагата – реагираа од Левица.

На прашањата од „Слободен печат“ до Обвинителството, дали Савески побарал увид во истрагата и како ги коментира обвинувањата, оттаму со краток одговор: Јавното обвинителство постапува согласно Закон и не коментира изјави на политички партии“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот