Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Земјоделките се дискриминирани и државата мора да ги осигура за време на бременост и повреда при работа, утврди Граѓанскиот суд Скопје

Основниот граѓански суд Скопје донесе пресуда со која утврди индиректна, продолжена и интерсекциска дискриминација врз земјоделките. Тие се дискриминирани во остварувањето на правата од здравствено осигурување, особено правото на надоместок за време на бременост, раѓање и мајчинство, како и правото на надоместок за привремена спреченост за работа поради болест или повреда.

Со пресудата, Судот ги задолжи Владата и Министерството за здравство да иницираат измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување, за да се обезбеди еднаков пристап до правата за сите осигуреници.

Основниот граѓански суд ја донесе оваа пресуда откако Хелсиншкиот комитет за човекови права и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) поднесоа тужба за заштита од дискриминација – actio popularis.

Земјоделките останаа маргинализирани и дискриминирани

„Во текот на постапката, Судот го ценеше и мислењето на Комисијата, со кое беше укажано дека постојната законска рамка создава нееднаков третман кон индивидуалните земјоделки во однос на другите категории осигурени лица. Иако тие се дел од системот на задолжително здравствено осигурување и редовно плаќаат придонеси, во пракса се исклучени од користење на одредени клучни права кои произлегуваат од системот“, соопштија денес од КСЗД.

Комисијата укажува дека ваквите законски решенија имаат сериозни последици врз економската и социјалната сигурност на жените од руралните средини, кои, како што велат, често се принудени да работат и за време на бременост, болест или повреда, поради отсуство на соодветна институционална поддршка и финансиска заштита.

Ваквата состојба создава циклус на ранливост, во кој недостатокот на институционална поддршка дополнително ја продлабочува нивната маргинализација.

„Судот правилно препозна дека станува збор за системски проблем кој бара суштински законски измени, а не поединечни или привремени мерки. Комисијата очекува надлежните институции без одлагање да постапат по пресудата и да обезбедат усогласување на законската рамка со принципите на еднаквост, недискриминација и заштита на мајчинството“, нагласуваат од КСЗД.

Комисијата за спречување дискриминација донесе препорака за заштита на бремените жени што се дискриминирани на работните места

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот