Петар Георгиевски – Камиказа / Фото: Фејсбук/Петар Георгиевски – Камиказа

„Зедов кредит, бев пред нервен слом и завршив на лекар“: Перо Камиказа си ја отвори душата

Поради кредитот што го зел и грижата дали ќе може да го плаќа, на музичарот Петар Георгиевски – Камиказа сериозно му се нарушило здравјето и завршил на лекар.

Лидерот на групата „Меморија“ целата приказна ја сподели на неговиот фејсбук-профил.

„Кредит: На крајот на 2004 година зедов кредит да купам најдобра опрема на Балканот. И купив. И бев најдобар на Балканот. За тоа пишуваа и странски списанија. По две години, веќе не бев најдобар на Балканот. Купија Србите, Хрватите, Бугарите и останав одличен, ама како и сите. Но, кредитот мораше да се враќа. Пресијата што ја трпев секојдневно четири години, за да можам да го менаџирам кредитот, од мене направи ‘монструм’ од 110 кила. Со секој одев на доручек-ручек-вечера и тоа по неколкупати. Знаете како е, клиенти?! Сериозно ми се наруши здравјето. И еден ден, кога се погледнав во огледало, човекот што го гледав не го препознавав. Решив да одам на доктор“, напиша Перо Камиказа и додаде:

„Ми препиша чудо лекови и закажа да се видиме набрзо. По излегувањето од вратата, цврсто решив дека ќе го вратам стариот Перо! Проклетиот кредит завршуваше за три месеци, бев пред конечен нервен слом. Но, уште толку ќе издржам, си реков. Лековите што ми ги даде Јошко не ги пиев. Почнав да одам покрај Вардар и се вратив во теретана.

По три месеци, кредитот го вратив во целост, но бев и 10 кила послаб, се вртев околу 100. Кога отидов кај Јошко, од врата ме пречека и рече: ‘Е, сега личиш на нешто!’ По прегледот, притисокот и крвната слика беа прилично регулирани. Рече дека треба да се продолжи со терапијата и дека сум на прав пат. Ја извадив кесата со сите купени лекови пред три месеци. Немав испиено ниту една таблета. Му се заблагодарив за вистината што ми ја плесна во лице и за инаетот кој го разбуди во мене. Гладував, трчав, се качував по планини, вежбав, ама изгубив многу клиенти, бидејќи не бев оној стариот што од сабајле до вечер им правеше друштво по кафаните. И можам да ви признаам дека и до ден-денес воопшто не ми е гајле. Сега го имам здравјето и многу пријатели што мислат слично како мене“, напиша, меѓу другото, музичарот.

Почина мајката на Перо Камиказа: Музичарот со емотивна објава се прости од неа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот