Зеленски: Разговараме со Трамп за американски војници во Украина, следуваат разговори со Франција и со Британија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека води разговори со американскиот претседател Доналд Трамп за можноста за распоредување американски војници во Украина, но нагласи дека таквата одлука би зависела исклучиво од американскиот лидер, објави „Уркинформ“.

На новинарско прашање дали, во рамките на безбедносните гаранции, САД планираат да распоредат свои сили во Украина – долж линијата на разграничување или на границата – Зеленски одговори:

„Искрено, ова може да го потврди само претседателот на САД. Тоа се американски војници и затоа токму Америка ги носи таквите одлуки. Секако, за ова разговараме и со претседателот Трамп и со претставници на Коалицијата (на волните, н.з.)“.

По средбата во Флорида, Зеленски вели дека 90 отсто од работите се договорени, Трамп смета дека Донбас останува „трнлива тема“

Тој додаде дека Украина би сакала да види американски трупи на својата територија како безбедносна гаранција. Според Зеленски, тоа би било силна позиција од аспект на безбедносните гаранции.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека е постигнат значителен напредок во разговорите за завршување на војната по неговата средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, која се одржа во неделата, 29 декември, во резиденцијата Мар-а-Лаго во сојузната држава Флорида.

„Русија бара изговор“

Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал со Трамп пред и по средбата со Зеленски, тврдејќи дека Украина се обидела да го убие со напади со дронови врз неговата резиденција во Новгородската област.

Зеленски ги отфрли овие тврдења, додавајќи дека Русија „бара изговор“ за да ги поткопа тековните мировни преговори. Тој на 30 декември ѝ се заблагодари на екипата на Трамп за „нивната подготвеност да учествуваат во сите ефективни формати“ на мировните разговори.

„Не губиме ниту еден ден,“ рече Зеленски.

Лавров вели дека Украинците со 91 дрон ја нападнале резиденцијата на Путин: Лага е, тврди Зеленски

 

Нова рунда разговори со Франција и со Британија

Зеленски најави и дека Украина се подготвува да биде домаќин на нова рунда високи безбедносни разговори со западните партнери на почетокот на јануари, објави „Киев индепендент“.

Советници за национална безбедност од земјите на Коалицијата на волните, предводена од Обединетото Кралство и Франција, се договориле да се сретнат во Украина на 3 јануари, изјави Зеленски.

По таа средба ќе следи уште еден состанок на националните лидери, планиран за 6 јануари во Франција, при што Зеленски нагласи дека „вакви средби се потребни“.

Додека напорите на Украина за мир продолжуваат, Русија ги засили масовните напади врз украинската енергетска инфраструктура, при што Министерството за енергетика на 30 декември пријави невидени оптоварувања во областите Киев и Одеса.

Туск: Мир во Украина можен во наредните недели

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот