Зеленски е подготвен за средба со Путин, но таа да биде надвор од Москва
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека е подготвен за директна средба со рускиот претседател Владимир Путин на неутрално тло.
Препорачано
„Подготвен сум да се сретнам со Путин. Секако не во Москва, не во Киев, но има многу други места на Блискиот Исток, во Европа или во САД“, рече Зеленски во интервју за италијанското радио РАИ.
Зборувајќи за Донбас, украинскиот лидер ја отфрли можноста за територијални отстапки кон Русија, предупредувајќи дека тоа ќе им овозможи на руските сили да заземат стратешки позиции без поголеми загуби и потенцијално да ја прошират офанзивата кон други градови, вклучително и Харков.
Тој, исто така, рече дека таков потег би предизвикал длабоки поделби во украинското општество и би ја загрозил независноста на земјата. Зеленски ги поздрави напорите на САД за постигнување прекин на огнот со Иран, велејќи дека тоа би можело да помогне во ублажувањето на глобалната енергетска криза, но нагласи дека воената поддршка за Украина мора да продолжи.
Украинскиот претседател во интервјуто истакна дека трилатералните разговори со Русија се одложени во овој момент поради фокусот на Вашингтон на Блискиот Исток, но дека тие ќе продолжат наскоро.


