Собрание / Фото Слободен печат / Драган Митрески

Зекирја Таири ќе биде пратеник наместо Беким Сали

Зекирја Таири од Коалицијата ВЛЕН, од изборната единица 1, ќе биде нов пратеник во Собранието на Република Северна Македонија на местото на Беким Сали, кој вчера беше избран за министер за евроинтеграции.

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 164-та седница го разгледа дописот од претседателот на Собранието, Африм Гаши, со кој се известува дека согласно Уставот и Изборниот законик, на Беким Сали му престанал пратеничкиот мандат. Поради тоа, Собранието треба да го верифицира мандатот на наредниот кандидат од листата на Коалицијата ВЛЕН.

Муртезани разрешен, Владата се екипира со новите министри Сали и Хоџа

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, информираше дека Комисијата ги спровела сите законски постапки за верификација на мандатот на следниот пратеник од истата кандидатска листа и изготвила предлог-извештај.

„Согласно Уставот и законските прописи, утврдено е дека на Беким Сали му е престанат мандатот и дека на негово место треба да биде наредниот кандидат од коалицијата ВЛЕН – Зекирја Таири од изборната единица 1. За тоа ДИК соодветно го информираше кандидатот“, изјави Кондарко.

ДИК го разгледа известувањето за престанокот на мандатот и со допис го извести Зекирја Таири, кој во законскиот рок ја прифати функцијата и ја информираше Комисијата дека го прифаќа пратеничкиот мандат за остатокот од мандатниот период.

Државната изборна комисија ќе го издаде уверението за пратеничкиот мандат и ќе го достави до Собранието, кое ќе ја продолжи постапката за негово официјално верификување.

Воедно, претседателот на ДИК потсети дека редовно течат подготовките за повторените локални избори, закажани за 11 јануари наредната година, кои ќе се одржат во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово Ростуше.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот