Беким Сали / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Муртезани разрешен, Владата се екипира со новите министри Сали и Хоџа

Не слушнавме зошто Муртезани се разрешува. Не се разрешуваат тие што треба, туку Муртезани е само жртвено јагне, сета неспособност на Владата ќе се припише на Муртезани. Ова е дефокус од немање резултати на Владата, рече Јована Тренчевска од СДСМ

Без образложение од премиерот Христијан Мицкоски, Собранието го разреши министерот за европски прашања Орхан Муртезани, а ги избра новиот министер за европски прашања и вицепремиер Беким Сали, како и новиот министер за животна средина Мухамед Хоџа. Мицкоски му се заблагодари на Муртезани за досегашната работа и пред пратениците ја најави неговата нова функција – ќе биде дел од кабинетот на премиерот одговорен да ја следи реализацијата на реформската агенда. Новите министри добија целосна поддршка од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Халил Снопче од Алијанса за Албанците, предводена од Арбен Таравари, го праша Мицкоски зошто јавно не му се заблагодари на Муртезани за учеството Владата.

Халил Снопче / Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

– Тоа значи дека премиерот не е задоволоен од работата на Муртезани. Зошто Муртезани не даде оставка бидејќи, колку што знам, така било дгоговорено. Ова значи дека Муртезани дава силна порака до Мицкоски и до Владата дека за неуспехот на неговата работа тој не е виновен, туку Владата и Мицкоски, бидејќи не го оставиле да работи. Благодарение на Мицкоски, тој само служел како вазал. Тој несвесно паднал во таква замка. Сега Владата ќе рече имаме нов министер и ќе имаме нов пристап. Вистината е дека заостануваме во евроинтеграцискиот процес, односно има назадување. Доволно е да го читате Извештајот од ЕУ, каде се вели дека топката е на наш терен. Треба да се бара отчет за неуспесите на патот кон ЕУ и да направиме споредба каде се соседните држави, а каде сме ние – рече Снопче.

Тој побара отчет од Владата за блокадата на евроинтеграциите и реформите во судството.
Пратеничката од Алтернатива Имрлие Салиу-Фетаи рече дека не очекувала таков став од Снопче и дека тој требало да му се заблагодари на министерот за досегашната работа.

– Промените во власта се природна работа. Муртезани помогна во овој процес и имаше напредок, за првпат почна спроведување на реформската агенда, имаше јасна национална структура за проширување, механизими за координација во склад со стандардите на ЕУ, беше национален координатор за проширување – рече Салиу-Фетаи.

Имрлие Салиу-Фетаи / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Пратеничката и потпретседателка на СДСМ Јована Тренчевска рече дека добиле предлог за разрешување на министерот без образложение зошто се разрешува.

– Ниту од говорница не слушнавме зошто Муртезани се разрешува. Ова е само импровизација, не се разрешуваат тие кои треба, туку Муртезани е само жртвено јагне, сета неспособност на Владата ќе се препише на Муртезани. Ова е дефокус од немање резултати на Владата, а расправата е само алиби за да се спаси себеси и обид да се создаде впечаток дека нешто се менува, но суштински ништо не се менува. Проблемот е во Владата во целина, во нејзината неспосбност. Ова е класичен пример за политички театар, дека за неуспехот на патот кон ЕУ е виновен еден човек, а не Владата која не сака да преземе одговорност. Се најавуваше реконструкција на Владата, сега разрешувате еден министер. Се избира најлесниот пат, една жртва за да се купи време – рече Тренчевска.

Јована Тренчевска / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Премиерот рече дека доставил предлози за избор на двајца министри за целосно екипирање на Владата и тоа на клучни ресори. За Хоџа рече дека има долгогодишно искуство во државни институции, дека работел во сложена средина, познавање на процедурите и на меѓуинституционална соработка. За Сали рече дека со претходното искуство како минситер и актуелен пратеник јасно ги разбира односите меѓу извршната и законодавната валст, што е значајно за ресорот со кој ќе управува кој бара систематска работа и усогласување на институциите.

– Очекувам да придонесе кон поефикасна координација – рече Мицкоски и му се заблагодари на Муртезани кој како што рече, со своја работа додаде вредност во работењето на Владата.

Христијан Мицксоки Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Изборот на новите членови на Владата дојде по локалните избори, одржани во октомври, откако Изет Меџити стапи на градоначалничката функција во Општина Чаир. Меџити ги извршуваше функциите прв вицепремиер и министер за животна средина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот