„Здраво, ми треба помош“: Полиција добила неочекуван повик од 10-годишно момче, имало проблем со децимали
Канцеларијата на шерифот на округот Шоно во Висконсин, САД, неодамна добила необичен повик од неименувано 10-годишно момче. Диспечерката која прима итни случаи слушнала дека „неговото семејство не е многу добро во математика“ и дека му треба помош за „да ја реши домашната задача“.
Препорачано
Ким Краус му објаснила на момчето дека полицијата не е вистинската адреса за вакви проблеми, но сепак се согласила да помогне. Но, и таа се нашла во загуба со децималите, па решила да се консултира со заменикот на шерифот, пишува „УПИ“.
„Диспечерката имаше малку време, па реши да му помогне на момчето. И тогаш сфати дека ѝ е потребна помош од мојот заменик Чејс Мејсон“, изјавил шерифот Џорџ Ленцнер.
Мејсон бил во патрола, во близина на куќата на малото дете, и решил да одговори. Тој седнал до него и заедно решиле математичка задача.
„Не сум многу вешт кога е во прашање математиката, но се согласив да помогнам. Имам посинок на иста возраст како нашиот повикувач. Сè испадна добро на крајот“, додал заменикот на шерифот.
На момчето му било кажано дека службениците за спроведување на законот се секогаш тука да помогнат, но да ја користи линијата за неитни случаи, ако не се работи за ситуација опасна по живот.


