Започнува втората зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Филолошки факултет „Блаже Конески“, УКИМ / Фото: МИА

Втората зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје започнува денеска. Свеченото отворање на Школата ќе се одржи утрово преку платформата Зум, при што поздравно обраќање ќе има ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, по што ќе се обрати и директорката на МСМЈЛК проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Преку виртуелна настава, над 40 странски македонисти и слависти од 17 земји, во период од 24 до 29 јануари ќе ги продлабочат своите познавања и ќе согледаат нови предизвици за своите проучувања за македонскиот јазик, литература и култура. Веднаш по отворањето, Школата ќе започне со интензивна работа – секој ден, од понеделник до сабота, за секоја група ќе се одржуваат по шест часа. Организирани се лекторски групи за сите нивоа – почетно, средно и напреднато и тоа напреднатото со две поднивоа, за јазик, и за литература.

– Пријавени се учесници од универзитетските центри од Австралија, Бугарија, Велика Британија, Грција, Италија, Полска, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска, Чешката Република и Швајцарија и тоа како истакнати имиња на славистиката, универзитетски професори со долгогодишно искуство и автори на референтни истражувања на европската и светската филологија. Млади истражувачи – слависти и македонисти, меѓу коишто се и студенти на прв циклус студии – идни афирматори на македонскиот јазик, литература и култура во светот, информираат организаторите на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

Зимската школа на МСМЈЛК при УКИМ првпат се одржа минатата година, како прва активност во рамките на програмата за одбележување на големиот јубилеј, 100 години од раѓањето на Блаже Конески и значајно дополнување на редовните активности на МСМЈЛК при УКИМ, особено на Летната школа, којашто традиционално се одржува во Охрид и годинава ќе одбележи голем јубилеј – 55 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот