Започнува изградба на трета лента на патниот правец Крива Паланка до Деве Баир

– За десетина започнуваме со изградба на трета лента од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, со што ќе го олесниме сообраќајот до овој граничен премин – истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при денешната работна посета на општина Крива Паланка.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, заедно со директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов и градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, извршија увид во рехабилитацијата на регионалниот пат од Крива Паланка до Луке, Киселица и Дубровница и остварија средба со жители на населеното место Луке.

Во изјава за медиумите, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески истакна дека патната и железничката инфраструктурата се врвен приоритет на Владата, а инвестициите што се реализираат се насочени кон модернизација на европскиот Коридор 8 како стратешки патен правец.

– Во ек е силна градежна активност во Крива Паланка и околината. Работиме на изградба на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, го рехабилитираме и постоечкиот пат од Крива Паланка до Ранковце, а набрзо ќе започнеме со изградба на трета лента до граничниот премин Деве Баир, инвестиција од 12 милиони евра. Покрај изградбата и рехабилитацијата на патната мрежа, фокусирани сме и на железничкото поврзување со Бугарија. Следната година ќе завршиме со изградба на пругата од Куманово до Бељаковце, а во почеток на 2021 година ќе отпочне изградбата на делницата Бељаковце – Крива Паланка. Она што сакам да истакнам е дека во ресорот Транспорт интензивно работиме на капиталните инвестиции насекаде низ државата – изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Министерот Сугарески додаде дека следната недела Министерството за транспорт и врски ќе распише јавен повик за набавка и инсталација на куќни водомери во Крива Паланка, проект во вредност од 500 илјади евра кој министерството во соработка со општината го реализира преку Европската инвестициска банка.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека инфраструктурата е клучна за развојот на Источниот регион и квалитетот на живот на граѓаните.

– Долго време Источниот регион беше заборавен и запоставуван. Ние го исполнуваме тоа што го ветивме пред граѓаните. Во моментов, покрај изградбата на експресните патишта работиме на рехабилитацијата од Ранковце до Паланка која треба да биде завршена на пролет, оваа година ќе започне рехабилитација на делниците од Страцин до Ранковце и од Куманово до Страцин, а за десетина дена ќе започнат и градежните работи за комплетна реконструкција и изградба на трета лента на патот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, кој е од големо значење за овој регион. Ќе продолжиме и понатаму посветено да работиме за подобар и поквалитетен живот на граѓаните – изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.

Градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски истакна дека инвестициите во патната инфраструктура се од особено значење за Крива Паланка како погранична општина и додаде дека локалната власт и во наредниот период сериозно ќе работи на изградба и подобрување на локалната патна мрежа и комуналната инфраструктура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот