Собраниска делегација на изборите во Унгарија / Фото: Собрание

Зајкова и Муса дел од набљудувачката мисија на ОБСЕ на изборите во Унгарија

Пратеничките Моника Зајкова како шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) и Мимоза Муса како член на Делегацијата, учествуваат во Мисијата на ПС на ОБСЕ за набљудување на парламентарните избори во Унгарија, кои што се одржуваат денеска.

Како што соопшти собраниската прес-служба, мисијата се состои од повеќе 130 парламентарци од 37 земји на ОБСЕ, кои се распоредени за набљудување на изборите во повеќе региони на Унгарија. Специјален координатор на краткорочната мисија на ОБСЕ за набљудување на изборите во Унгарија е Саргис Канданјан, пратеник од Ерменија и претседател на Комисијата за демократија, човекови права и хуманитарни прашања на ПС на ОБСЕ, а шеф на набљудувачката мисија на ПС на ОБСЕ е пратеничката Рупа Хук, членка на делегацијата на Обединетото Кралство во ПС на ОБСЕ.

Парламентарното собрание на ОБСЕ по четврти пат ги набљудува изборите во Унгарија. Набљудувачите на ПС на ОБСЕ тесно соработуваат со шефот на Мисијата на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОБСЕ/ОДИХР), Еоган Марфи (Ирска), неговиот тим од 15 меѓународни експерти со седиште во Будимпешта, 18 долгорочни набљудувачи распоредени низ земјата од 26 февруари 2026 година, како и околу 200 краткорочни набљудувачи распоредени на денот на изборите. Тимот на ПС на ОБСЕ, исто така, соработува и со Делегацијата од 32 парламентарци од Парламентарното собрание на Советот на Европа, предводена од Пабло Испан, пратеник од Шпанија.

Во пресрет на изборите, набљудувачите учествуваа на дводевни сеопфатни брифинзи со високи претставници на политичките партии и коалиции што учествуваат на изборите, со шефот и долгорочните набљудувачи на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, како и со претставници на изборната администрација, на граѓанските организации, на медиумите, аналитичари и експерти.

Мисија за набљудување на парламентарните избори во Унгарија треба да процени дали изборите се спроведуваат согласно демократските заложби содржани во Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 година, кои вклучуваат, меѓу другото, слободно гласање, фер и слободна изборна кампања, правичен пристап до медиумите, како и чесно и точно известување за резултатите. Наодите на набљудувачите ќе бидат анализирани и вклучени во Изјавата со првични наоди и заклучоци, која ќе биде претставена на Заедничката прес-конференција на Меѓународната мисија за набљудување на изборите во Унгарија, што ќе се одржи на 13 април 2026 година, во 15 часот, во Будимпешта и ќе се пренесува во живо на веб-страницата на ПС на ОБСЕ (www.oscepa.org), стои во соопштението.

Унгарците гласаат дали да го прекинат 16-годишното владеење на Орбан

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот