Зајков пред Чешка: Да влеземе со повеќе самодоверба и се обидеме да дојдеме до поволен резултат
После поразот од Хрватска во Ријека (3:0), најдобрата македонска фудбалска репрезентација се фокусира за новиот пријателски натпревар против Чешка на 10 јуни од 18.00 часот во Храдец Кралове.
Препорачано
Нашите најдобри фудбалери предводени од селекторот Благоја Милевски ја темпираат формата во Скопје на тренинг центарот „Петар Милошевски“.
Своите очекувања во пресрет на контролниот меч против Чесите ги сподели репрезентативецот Ѓоко Зајков.
Дефанзивецот вели дека против Хрватите имало тактички грешки и дека потребен е поголем фокус на одредени ситуации и се дојде до шанса за реализација:
– Направивме анализа од натпреварот со Хрватска, ги воочивме грешките и имаме доволно денови до мечот против Чешка да ги поправиме тие аномалии и да влеземе со повеќе самодоверба на тој дуел и се обидеме да дојдеме до поволен резултат. Како и на секој натпревар, ни треба максимален пристап, но на вакви мечеви треба и повеќе од 100 отсто да се даде. Треба да бидеме целосно сконцентрирани на тактиката што ќе ни ја даде селекторот и секој играч треба да одработи максимално. Да, имаме проблеми на клупско ниво, некои играчи имаат помала минутажа, други повеќе, затоа се и овие припреми, ќе се потрудиме да изгледаме подобро на теренот против Чешка – вели Зајков.


