Загрижувачки податоци: Кризата најмногу удрила по децата!

Сиромаштија / Фото: Архива на Слободен печат

Уште 13.000 луѓе лани станале сиромашни, од нив 5.000 се деца. Прагот на сиромаштија за четиричлено семејство е околу 18.000 денари. Кризата не е завршена и според процените годинава уште 4.000 лица ќе се најдат во групата под прагот на сиромаштија

Инфлацијата и енергетската криза втурнале под прагот на сиромаштија уште 13.000 луѓе, од кои 5.000 деца. Поскапувањето на храната особено ги засегнала децата и тие се погладни од возрасните што спаѓаат во ранливата категорија граѓани. Владата донела мерки со која влијаела врз намалување на бројот на сиромашни, но простор за нови мерки сè уште има, како што е проширување на опфатот на граѓани на кои ќе им се помогне во справувањето со енергетската сиромаштија и воведување на бесплатна храна во училиштата, прво за ранливите категории деца, со можност тоа да се однесува на сите.

Ова се главните забелешки при презентацијата на истражувањето „Ефектите на кризата со храна и енергија врз деца и семејства“ направено од „Фајненс тинк“ и поддржано од УНИЦЕФ.

– Податоците покажуваат дека од сиромаштијата повеќе се засегнати децата. Прагот на сиромаштија за четиричлено семејство е околу 18.000 денари. Кризата не е завршена и според процените годинава уште 4.000 лица ќе се најдат во групата под прагот на сиромаштија – рече професор Марјан Петрески презентирајќи ги резултатите истражувањето.

Тој потенцираше и дека во студијата е идентификувано оти децата се повеќе ранливи кога се наоѓаат во домаќинства со повеќе од три деца и каде што нивото на образование на родителите е пониско и дека ова треба да се земе предвид кога Владата креира политики.

Процените се дека Владата го ублажила ударот од кризата од 30 до 60 проценти, во зависност од тоа која популациона група се гледа.

Но, како што забележа Патриција Ди Џовани, претставничката на УНИЦЕФ, помошта од Владата стигна и до оние на кои им требаше и до оние на кои не им требаше, односно помош имаше и за богатите и за сиромашните.

– Сиромаштијата може да ублажи со мерки какви што се проширување на опфатот на оние кон кои се насочени мерките за енергетската сиромаштија, да има почесто усогласување на паричната помош со растечките цени, релаксирање на критериумите за гарантирана помош. Сите училишта треба да се држат отворени и треба да има програма за бесплатен оброк, практика што ја има во ЕУ, со што се добива помош за децата, но и за домашните производители – рече Ди Џовани.

Според истражувањето, ако сиромаштијата од храна се зголемила за 8,2 процентни поени кај целата популација во 2022 година во однос на 2021 година, сиромаштијата кај децата била зголемена за 9,4 процентни поени. Најмногу на удар биле семејствата со три и повеќе деца каде што нагорната промена била за 14,5 процентни поенти.

Во насока на намалување на сиромаштијата во многудетните семејства Александар Николов од УНИЦЕФ рече дека Регулаторната комисија за енергетика треба да ги преиспита блок-тарифите за електрична енергија во однос на овие семејства, затоа што тие реално имаат потреба од повеќе струја.

– Очекуваме за ова прашање да има разбирање Регулаторната комисија – рече Николов.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски смета дека е најдобро да се има податоци за приходи по глава во едно домаќинство и соодветно на тоа да се добива и помош за справување со енергетската сиромаштија.

– Помошта за енергетската сиромаштија е за премал број корисници. Ни треба приход по глава во домаќинство. Тие податоци ќе бидат проблем да се обезбедат, но може да се обезбедат. Проблем е и тоа што броилото може да гласи на едно лице, а таму да живее друго семејство, но и тоа може да се среди – рече Бислимоски.

Покрај помошта за енергетската сиромаштија на корисниците на гарантираната минимална помош, помош ќе добијат и други категории граѓани со ниски примања, по 600, или 800 денари, во зависност од бројноста на семејството, а ако направат заштеда на струја од 10 проценти, може да добијат дополнителни 200, односно 300 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот