Македонска берза /Фото: "Слободен печат"/Драган Митрески

Загреб е на пат да стане финансиски центар во регионот, ова е позитивна вест и за нас

За да се зајакне улогата на Загрепската берза, Финансиската агенција (ФИНА) која е државна агенција, сака да ја преземе Загрепската берза што има удели во Македонската и во Љубљанската берза. Идејата е регионално поврзување и полесен пристап до капитал

Хрватска продолжува со своите напори да стане регионален финансиски центар. Постојат иницијативи за поврзување на берзите од Средна и Источна Европа, заедничка инфраструктура, зголемување на ликвидноста и подобрување на конкурентноста. Загрепската берза веќе има удел во Берзата на Словенија (Љубљанска) и во Македонската берза. Но за да се зајакне улогата на Загрепската берза, Финансиската агенција (ФИНА) која е државна агенција, сака да ја преземе Загрепската берза. Притоа, сè уште е во игра „златната акција“ од 50 проценти плус акција, или 100-процентното преземање на Загрепската берза.

Од Македонска берза за „Слободен печат“ изјавија дека Загрепската берза е нивен најголем поединечен акционер.

– Македонска берза детално ги следи состојбите поврзани со објавената намера за преземање на Загрепската берза, како од аспект на тоа што оваа берза е наш најголем поединечен акционер, така и поради тоа што берзата од Загреб има битна улога во актуелниот процес на регионална интеграција на пазарите на капитал во Централна и Југоисточна Европа. Во оваа фаза на постапката сметаме дека не е соодветно дополнително да коментираме – велат од Берзата.

Оттаму појаснија и дека во согласност со Законот за хартии од вредност, Комисијата за хартии од вредност мора да провери дали се исполнети законските услови за давање на потребната согласност за таканаречено квалификувано учество на ФИНА во Македонската берза. Комисијата извести дека на седницата што била одржана во средата ја дала таа согласност. Ова значи дека ако Загрепската берза биде целосно преземена од ФИНА, ќе го задржи истото учество коешто го има и сега, а тоа е 29,98 проценти. Доколку ФИНА директно стекне 50 проценти плус една акција во Загрепската берза, со тоа индиректниот удел во Македонската берза ќе и биде 14,99 проценти, соопшти Комисијата за хартии од вредност.

ФИНА сега поседува 9,99 проценти од акционерскиот капитал и правата на глас на Загрепската берза. Управниот одбор на Хрватската агенција за надзор на финансиски услуги (ХАНФА) на 29 август и даде согласност на ФИНА директно да стекне квалификуван удел во Загрепската берза во износ од повеќе од 50 проценти, до 100 проценти од акционерскиот капитал и правата на глас.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на крајот на август учествуваше на панел-дискусија на министрите за финансии и економија и претставници на институции од земјите од Централна и Југоисточна Европа на тема „Зајакнување на националните пазари на капитал преку заеднички иницијативи и соработка“.  Панел-дискусијата се одржа во рамки на иницијативата на Министерството за финансии на Хрватска за потпишување на Меморандумот за разбирање за соработка во развојот на пазарите на капитал помеѓу Хрватска, Бугарија, Унгарија, Македонија, Полска, Романија, Словачка и Словенија.  Во своето излагање, министерката истакна дека клучниот бенефит за Македонија од оваа иницијатива може да се сумира во еден збор – пристап.

 – Силно верувам дека за две до три години ќе ги видиме бенефитите што ќе ги почувствуваат бизнис-секторот и нашите компании, а кои ќе произлезат токму од овој Меморандум. Доаѓам од приватниот сектор и добро знам колку е тешко една компанија да ја убеди банката дека нејзината идеја или иновација е доволно сериозна за да успее. Во такви услови, пазарот на капитал е единствениот начин компаниите побрзо да растат и да го реализираат својот потенцијал – рече Димитриеска-Кочоска.

Позитивниот одговор на нашата Комисија за хартии од вредност е во времетраење од 90 дена, дотогаш треба да се изврши трансакцијата.

– Доколку Комисијата издаде согласност за стекнување на квалификуваното учество во берза, стекнувачот е должен во рок од 90 дена од добивање на согласност да ја реализира трансакцијата со која директно или индиректно ќе се стекне со акциите во берзата. По истекот на овој рок, задолжителна е постапка за добивање – велат од Берзата.

Финансиската агенција во Загреб е наследник на поранешниот Завод за плаќање на Република Хрватска и е формирана во текот на 90-тите години на минатиот век, во процесот на трансформација на хрватскиот финансиски систем по осамостојувањето на државата.

Хрватската држава станува сопственик на дел од Македонската берза

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот