Фото: Слободен печат

Загадувачот на Вардар се уште не е познат, се чекаат резултатите од земените мостри

Пред два дена скопјани беа сведоци на нова еколошка катастрофа во реката Вардар, чија вода се обои во несекојдневно црвеникаво-кафеава боја.

Загадувањето е регистрирано низводно од скопската населба Долно Лисиче, а реката одново е со иста боја како во септември минатата година, кога „Арцелор Митал“ соопшти дека дошло до пукање на системот, по што се излеале комбинација на железо и киселина.

По објавувањето на фотографиите од црвената боја на реката на социјалните мрежи, инспектори на Град Скопје во соработка со Државниот инспекторат за животна средина излегоа на терен, при што се земени примероци за анализа, а од инспекторатот најавија поригорозни казни ако се утврди дека станува збор за истиот загадувач од лани.

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) соопшти дека вчера по добиена дојава за загадување на Вардар со црвена боја во близина на Бетонската база – Бетон, направиле увид на посочената локација. Со непосредниот инспекциски надзор утврдиле дека водата е со црвена боја и веднаш биле земени мостри од отпадната вода што излегува од колекторот за хемиска анализа кои се однесени во акредитирана лабораторија и е во тек нивно испитување.

Истовремено, како што се посочува во соопштението, извршен е вонреден инспекциски надзор кај правните субјект Либерти АД-Скопје и Макстил АД.

„По добиена дојава за обојување на водата во река Вардар кај мостот „Близнаци“, државните инспектори за животна средина веднаш излегоа на терен. При тоа, направена е инспекциска контрола во двата правни субјекти: Либерти Скопје и Макстил АД, кои се наоѓаат во комплексот на бивша Желазара и за кои инспекторирањето е во надлежноста на Државниот инспекторат за животна средина.  Направен е комплетен увид, како и контрола на пречистителните станици на двата правни субјекта.  Увид е направен и на местото каде колекторот се влева во реката Вардар и од таму се земени мостри кои ќе се дадат на ализа во акредитирана лабораторија.  Инаку, ниту Либерти Скопје, ниту Макстил АД немаат пријавено било каква хаварија, а при увидот во пречистителните станици не е забележано обојување на отпадните води“, соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Од Либерти АД Скопје денеска соопштија дека нивното работење не е причина за овонеделните објави за загадување на реката Вардар.

„Компанијата спроведе сеопфатна ревизија на својата постројка за третман на отпадни води и може да потврди дека непрестајно работи во рамки на сите релевантни параметри, без проблеми. Исто така, прегледани се и редовните мерења кои континуирано се спроведуваат, кои и понатаму се далеку под ограничувањата утврдени во работната дозвола“, се вели во соопштението на компанијата.

Сепак, и два дена по овој инцидент и натаму не е позната причината за загадувачот, а од ДИЖС велат дека подоцна во текот на денот или евентуално во понеделник може да има конкретни информации, односно резултати од земените мостри за анализа.

– Немаме нови информации, денеска колегите ги чекаат резултатите и штом ќе имаат информација таа ќе им биде веднаш проследена на медиумите. Вчера утринава мострите беа однесени во водовод и канализација, бидејќи средата беше нерабтоен ден, па во текот на денот или евентуално во понеделник ќе бидат познати резултати – вели инспекторот Дарко Блинков од ДЖИС за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот