Заев: Треба да ја зграбиме првата можност за избори – Политичката кариера на Мицкоски е во прашање, бидејќи тој што губи си оди (ВИДЕО)

Државата треба да ја зграби првата можност за одржување на изборите бидејќи, ако експертите во светот најавуваат втор бран на корона вирусот, којзнае кога ќе биде втората можност, изјави во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Заев се осврна на неколку прашања поврзани со Собранието, опозицијата, здравствените и економските мерки.

ДАТУМ ЗА ИЗБОРИ

  • Република Северна Македонија ги прекина изборните дејствија и денеска се замрзнати сите изборни процеси. Нема ништо поважно од здравјето на граѓаните. Но треба да бидеме свесни сите во услови кога нема Парламент и има одложени избори, кредибилитетот на владата мора да биде поткрепен од довербата на граѓаните. Фала богу бројките од корона кризата опаѓаат и треба будно да ги следиме. Но треба да ја зграбиме првата можност за избори бидејќи не знаеме кога ќе има втора можност. Светот кажува дека есента може да има и нов бран. Ако се случи тоа, ќе влеземе во пробивање на сите уставни рокови од пренесените надлежности, изјави Заев одговорајќи на прашањата поврзани со датумот за изборите и политичкиот дијалог.

Претседателот на СДСМ вели, иницијативата на 35 пратеници за повторно свикување на Парламентот е демократски порив. бидејќи тие чувствуваат одговорност, дека треба да ја контролираат владата која во моментов поради здравјето, задира во човековите права а граѓаните нема каде да реагираат.

  • Можеби Парламентот ќе биде потребен и за кредитите, но во демократија, Собранието мора да функционира. Претседателот на Собранието, со кого разговарав, сепак должен е да врати на иницијативата, макар и со писмена форма до пратениците, потенцираше Заев.

СТАВОТ НА ОПОЗИЦИЈАТА

За лидерот на СДСМ „чуден“ бил ставот на опозицијата која не сака да биде свикано Собранието, бидејќи секаде опозицијата бара функционален Парламент, односно да ја има  јавната говорница како алатка.

  • Но кај раководството на ВМРО-ДПМНЕ гледам страв од изборите. Немаат ставови за клучни прашања. Се обидоа се и сешто и не успееја и сега истражувања прават и тие и јасно им е кај се. Би ловеле во матно, би купувале време, надевајќи се дека економските последици ќе им дадат шанса за полза. Политичката кариера на Мицкоски е во прашање бидејќи тој што губи си оди. Верувам дека низ политички дијалог ќе се расчистат работите. Низ него треба да стигнеме до комфорен период кога граѓаните ќе можат да гласаат. И со тоа што опозицијата нема ставови или одбива некои работи, јасно е која им е целта. Во услови кога опозицијата не нуди алтернатива за датумот за избори, кога е против враќање на Собранието, кога изборите се распишани, кога ќе заврши вонредната состојба, ДИК е должен да го димензионира рокот. Верувам дека ќе ги најдеме решенијата да биде олабавена кризата и да имаме конкретен датум. Ќе биде тешка економската последица и треба кредибилна власт која ќе носи храбри одлуки. Ако здравствените работници, здравствените комисии оценат дека нема услови за избори, нема да има избори, но мора да бидеме одговорни, порача Заев.

ЕКОНОМСКИТЕ МЕРКИ

Заев целосно ги отфрли тврдењата дека политиките креирани од техничката влада во која мнозинството се претставници од СДСМ, ги креира за големиот капитал, па на прашањето одговори:

На капиталот како левичар гледам како алатка за инвестирање, за давање плати и плаќање даноци и кога се прави профит, тоа се реинвестира за нови плати и нови даноци, а потоа продолжи со пакет мерките кои власта ги определи во борбата против последиците од здравствената пандемија:

  • Ние 300 отсто ја зголемивме социјалната помош. Димензиониравме целосен пакет за покачување на пензиите и еден куп мерки за сочувување на работните места. Суштината е дека се бориме против голиот популизам. Порано во режимските денови кога шефот ќе кажеше едно, владата го слушаше, а ние решаваме низ дебата, рече Заев.

БУГАРСКАТА ДЕКЛАРАЦИЈА

Осврнувајќи се на неодамнешната бугарска декларација, донесена во октомври минатата година, а повторно актуелизирана изминатиов период, Заев тврди дека таа е за внатрешно користење на бугарските политичари, бидејќи Бугарија веќе даде поддршка пред Европа за Македонија.

  • Оние кои се научени да работат во политиката со национализам, така и ќе продолжат да функционираат. Да повторам, македонскиот јазик никаде не е спорен, тој е впишан во Обединетите Нации и повторно се отвора ова прашање за политички популизам, се прават драми, а граѓаните ги знаат одлуките од Советот на Европа, документите се јавни. Република Северна Македонија доби безусловен датум и постои некаква изјава од страна на Бугарија да ја читаме сите. Таа декларација е за нивен внатрешен став, но дефинитивно сите земји членки донесоа одлука за почетокот на преговорите. Низ преговорите, поглавјата, мораме да ги имплементираме сите ставки од договорите со Грција и Бугарија, а тие се за стратешко партнерство и во полза на сите инволвирани е да се спроведат. Да не заборавиме дека тоа се договори за двете страни да бидат среќни и да имаат придобивки. Ваквото отворање на прашање, е само заради политички побуди. Со Бугарија сме пријатели и партнери. Таа е држава која не поддржа и првата која сакаше да помогне и треба да знаат граѓаните дека прашањето со јазикот е провокација, а ние сме признаени како Македонци со македонски јазик во целиот свет, одговори лидерот на СДСМ.

„НЕ СЕКОГАШ МЕРКИТЕ НИ БИЛЕ МИЛИ, НО ОСТАВИВМЕ ЕКСПЕРТИТЕ ДА СИ ЈА ВРШАТ РАБОТАТА“

Зборувајќи за рејтингот на министерот Венко Филипче, Заев тврди дека уште од самиот старт на кризата договорот бил политиката да нема место во здравјето и дека Филипче се раководи по сите препораки на стручние лица.

-Тој исцрпно ги слуша експертите и имавме капацитет како држава со тие стручни луѓе вистински да ги димензионираме мерките. Нас не секогаш мерките ни биле мили, но имаме целосна доверба во нивните капацитети  и еве гледаме дека бројките покажуваат дека успешно се справуваме, рече Заев.

ЗА УПАДОТ НА МВР ВО МАГАЦИНОТ НА СЕМЕЈСТВОТО ЗАЕВИ

Неодамнешниот упад во магацинот на семејството Заеви од страна на полицијата, вели лидерот на СДСМ, е политичка хајка која потсетува од времето на Груевски, односно одлука на министерот за полиција, Наке Чулев, донесена во штабот на ВМРО-ДПМНЕ.

  • Ако беше целта да предизвика болка, кај мене предизвикаа, поради младите волонтери кои сервисираат низ цела Македонија. Беа држени до раните утрински часови кога се правеа тие проверки во прехранбените продукти. Мене ме потсети на деновите на режимот. Но семејството Заеви веќе помина низ тие режимски сценарија. Верувам дека се свесни дека вакви работи го потсетуваат народот на тој режим. Требаше веднаш да се осудат тие политички хајки кои покажаа дека доаѓаат од врхушката, односно по задача на партијата, изјави Заев.

Проследете го целото гостување на претседателот на СДСМ, Зоран Заев во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот