Забраната за рекламирање на Левица е усогласена со Изборниот законик, одлучи Уставен

Уставниот суд не поведе постапка по иницијативата на лидерот на Левица Димитар Апасиев која ја поднесе откако според упатството кое го усвои Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, само „Левица“ немаше можност за платено политичко рекламирање, иако има шест пратеници во Собранието.

– Не се поведе постапка по иницијативата на Апасиев. Судот оцени дека е усогласено со Изборниот законик – велат кратко од Уставен. Апасиев го оспори и Изборниот законик па оваа иницијатива, како што велат од Уставен, ќе биде ставена на некоја од наредните седници.

Оваа седница Уставен ја закажа два дена пред истекот на изборната кампања. Веднаш по одлуката на Уставен со статус на Фејсбук реагираше Апасиев кој напиша: Уставниот суд „пресуди“: Цензурата врз Левица е уставна и законска!.

Апасиев пред три недели до Уставниот суд поднесе тужба со времена мерка за стопирање на упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година, кое го усвои Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизулени услуги, а според кое само „Левица“ нема да има можност за платено политичко рекламирање. Според него ова им е абер од премиерот Христијан Мицкоски преку директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски.

Тој побара од Уставниот суд веднаш да свика седница и уште денеска да се произнесе со времена мерка, од Собранието бара собранискиот спикер Африм Гаши веднаш да свика седница и да се смени Изборниот законик. Уставен свика седница на два дена пред истекот на кампањата, а Собранието нема закажано никаква седница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот