Забраната на социјалните мрежи во Австралија штотуку почна, а децата веќе го „измамуваат“ системот
Првиот ден од воведувањето на забраната за користење социјални мрежи за лица под 16 години во Австралија помина со сериозни проблеми, откако голем број деца успеаја лесно да ги заобиколат ограничувањата. Според сведоштва на родители и корисници, тинејџерите користат пропусти во системите за проверка на возраста, VPN-услуги, па дури и шминка и „трикови“ со изрази на лицето за да изгледаат постари, објави Еј-би-си.
Препорачано
Родители од различни делови на земјата за ABC изјавија дека нивните деца и покрај забраната сè уште имаат пристап до платформи како Snapchat, Instagram и TikTok, при што системите за верификација погрешно ја проценуваат нивната возраст и како 18, па и над 30 години. Експерти предупредуваат дека технологијата за скенирање лица има маргина на грешка од една до три години, што овозможува малолетници да поминат како возрасни.
Тинејџерите во Австралија тагуваат поради губењето на пристапот до социјалните медиуми: Дојде крајот
Тинејџерите, пак, јавно се фалат дека ја „преживеале“ забраната, оставајќи коментари на социјалните мрежи дека таа не функционира и дека лесно се заобиколува. Некои изјавија дека секогаш ќе најдат начин да ја надмудрат технологијата што треба да ги ограничи.
Австралиската влада признава дека спроведувањето на мерката нема да биде совршено и моментално. Премиерот Ентони Албанезе и министерката за комуникации Аника Велс порачаа дека станува збор за процес кој ќе трае и дека платформите ќе мора рутински да ги проверуваат и отстрануваат сметките на малолетници. Според властите, досега се деактивирани стотици илјади профили, а пропустите ќе се коригираат со текот на времето.
Регулаторите нагласуваат дека ова е „маратон, а не спринт“ и дека децата нема засекогаш да можат да ја избегнуваат забраната, иако првите денови покажаа дека системот има сериозни слабости.


