За укинување на ветото: Брисел резервиран, Будимпешта против

Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Во ЕУ резервирано ја примаат идејата на шефот на германската дипломатија за укинување на правото на вето на земјите членки во надворешно-политичките прашања. Медиумите во Унгарија критични

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел со скепса гледа кон германскиот предлог за укинување на принципот на едногласност при носењето надворешно-политички одлуки во Унијата.

Неговото искуство покажува дека влијанието во светот е поголемо кога одлуките се носат едногласно од сите членки на ЕУ. Пред да се размислува за укинување на консензусот, најпрво треба да се размисли за тоа, изјави Мишел во Брисел.

„Јас сум внимателен“, рече тој.

 ЕУ како заложник

Шефот на германската дипломатија Хајко Мас ја отвори темата минатата недела, оценувајќи дека политиката на ЕУ не може да биде „заложник“ на поединечни земји членки.

„Не може повеќе да бидеме држени како заложници од оние кои ја парализираат европската надворешна политика со своите вета“, рече Мас.
Иако не ја спомена директно, критиката на Мас и на други германски дипломати деновиве е насочена кон Унгарија која во изминатите месеци блокираше серија заеднички иницијативи и одлуки на ЕУ. Во прв ред, Будимпешта се спротивстави на заедничката изјава за судирот меѓу Израел и Хамас, за критика кон Кина поради случувањата во Хонг Конг, но и за неколку други надворешно-политички иницијативи. Владата на премиерот Виктор Орбан негува блиски односи со Тел Авив и со Пекинг и се спротивставува на секоја критика на овие земји во ЕУ.

 Откажување од суверенитетот

Мишел смета дека околу ефикасноста на ЕУ-институциите треба да се дискутира во рамките на Конференцијата за иднината на Европа. Заклучоците од конференцијата се очекуваат следната година.

Во Унгарија, предлогот на Мас беше експресно отфрлен од весникот „Маѓар Немзет“, кој важи за близок до владата на Орбан.

„(…) Тука се работи за Европа во следните децении. Ветото го отвора и прашањето дали сакаме да живееме во Европа на суверени земји членки или ќе тргнеме во правец на Соединети држави на Европа; во правец на еден тигар од хартија, во кој под мотото на ЕУ „Единство во различноста“ се губи секаква различност.
(…) Со укинувањето на ветото, земјите членки доброволно ќе се откажат и од оној суверенитет што им преостана“, пишува унгарскиот весник.

 

Преземено од „Дојче веле“

[sc name=”dw” ]

 

Германија бара укинување на ветото

„Не може повеќе да бидеме држени како заложници од оние кои ја парализираат европската надворешна политика со своите вета“, изјави Хаико Мас, германскиот министер за надворешни работи, обвинувајќи ги оние кои го прават тоа дека ја загрозуваат кохезивноста на Европа.

„Затоа кажувам многу отворено: ветото мора да замине – дури и ако тоа значи дека можеме да бидеме надгласани“.

Мас не именуваше никого, но неодамна Унгарија блокираше повеќе заеднички изјави на ЕУ. Лут поради ставот на Будимпешта, државниот министер во германското МНР Мигел Бергер, минатата недела ја прозва Унгарија на Твитер.

„Унгарија повторно ја блокираше изјавата на ЕУ за Хонг Конг. Пред три недели се работеше за Блискиот Исток. Заедничката надворешна и безбедносна политика не може да функционира на база на блокади. Потребна ни е сериозна дебата за тоа како да се менаџира незадоволство, вклучително и преку гласање со квалификувано мнозинство“, напиша Бергер.

Отворените изјави се невообичаени затоа што Германија никогаш досега не практикуваше отворени критики кон друга земја членка во ЕУ. Свесна за својата политичка и економска тежина во ЕУ, Германија е вообичаено многу претпазлива да не застанува отворено на нечија страна.

Освен блокадата на заедничките изјави за Хонг Конг и Блискиот Исток, Унгарија минатиот месец се спротивстави и на ратификацијата на новиот договор за трговија и соработка со африкански, карипски и пацифички држави. Унгарскиот премиер Виктор Орбан се обидува да изгради поблиски односи со Кина и неодамна договори отворање на филијала на кинески универзитет во Будимпешта, и покрај протестите на опозицијата.

Преземено од Дојче Веле

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот