Рибарница - Риби - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Рибарница - Риби - Фото Слободен печат - Методи Здравев

За Свети Никола се трошат повеќе свежи крап и пастрмка отколку за цела година

Последниве години бројот на продавници што имаат свои аквариуми е видливо намален, а продажбата на риба и свежа и замрзната главно се одвива по специјализираните оддели во големите маркети, каде што не само што ја продаваат, туку и ќе ви ја исчистат. Рекордер се филетите од лосос, кои чинат 1.200 денари за килограм, додека најевтин е смрзнатиот ослич, кој чини околу 180 денари

Половината слават, а другата половина одат кај нив на гости. Речиси секое второ семејство во земјава го слави Свети Никола и како именден, па затоа во втората половина на секој декември, домашните рибарници продаваат повеќе риба отколку за целата година, особено потенцирајќи дека дури 50 отсто од продадените количества се токму за утрешниот празник. Свети Никола е една од најголемите, ако не и најголемата слава меѓу православните христијани и се совпаѓа со Великиот пост. Токму од тие причини, оние што чекаат гости, нарачуваат риба две-три недели однапред. Годинава нема некое забележително зголемување на цената на свежата и на замрзнатата риба, а тоа за „Слободен печат“ го потврдија и во рибарниците.

Рибарница - Риби - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Рибарница – Риби – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Сепак, без риба нема слава, а граѓаните најмногу купуваат свеж крап и пастрмка, кои се продаваат од 350 до 450 денари за килограм. Во однос на количините што се купуваат, продавачите нудат конкретни бројки и додаваат дека се купуваат од 2 до 10 килограми, но за разлика од претходните години, граѓаните сè помалку трошат за овие слави. Свежата риба е исклучиво од домашните рибници, додека морската која е двојно поскапа е од увоз. Рекордер се филетите од лосос, кои чинат 1.200 денари за килограм, додека најевтин е смрзнатиот ослич, кој чини околу 180 денари за килограм. Последниве години бројот на продавници што имаат свои аквариуми е видливо намален, а продажбата на риба и свежа и замрзната главно се одвива по специјализираните оддели во големите маркети, каде што не само што ја продаваат, туку и ќе ви ја исчистат.

Рибарница - Риби - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Рибарница – Риби – Фото Слободен печат – Методи Здравев

– Декември е месецот кога работиме турбо, а потрошувачката е поголема отколку за целата година. Славите се посни, но поскромни главно во кругот на семејството, но граѓаните велат дека за Свети Никола и за Божиќ, последниве години трошат повеќе отколку за Нова година. Главно се купува свеж крап и пастрмка, а морската риба ја купуваат само побогатите – ни рекоа во рибарницата на Зелениот пазар во Скопје.

Рибарница - Риби - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Рибарница – Риби – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Македонците повеќе јадат месо, видливо е и според статистиките. Според ДЗС, едно македонско семејство лани купило 300 грама свеж крап, 13,2 килограми замрзнат ослич, 2 килограми свежа пастрмка, 1,6 килограми туна. Купувањето морска храна се мери во грамови.

Посниот празник што се слави на 19 декември бара и други значителни трошоци. Иако посните оброци обично се поедноставни од масните, за нив треба да се одвојат одредени средства, кои годинава се речиси на истото ланско ниво. Оние што дома не киселат зелка, на зелените пазари може да ја набават по цена од 100 денари за килограм. Во маркетите велат дека овој производ најмногу им се троши токму во периодов, а во некои маркети рафтовите на кои се продаваат цели главици или само листови зелка, беа празни.

Трпезата за Свети Никола бара и маслинки (350 до 500 денари за килограм), зелена салата 80 денари парче, а кој не ставил кисела туршија, може да ја купи за 350 денари за килограм, оревите чинат од 500 до 700 денари, а другите апетисани и до 1.000 денари за килограм. Славските погачи се нудат за 200 или 300 денари, а килограм посни кифлички од 250 до 350 денари. Килограм готови ситни колачи во слаткарниците се нудат од 500 до 900 денари, додека готовата баклава се продава од 400 до 1.500 денари, а на парче стигна и до 150 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот