Unsplash
Unsplash

За неколку часа ќе се сплискаат над 1.000 евра, од скромна прослава матурските се претворија во гала вечери

Списокот на потребните детали е се подолг, а граѓаните во чии семејства има матурант или полуматурант паѓаат во очај, оти пресметката покажува дека за една ваква вечер нема да ги скрпат ни повеќе од илјада евра. Грубата математика покажува дека само за трошоците за прославите годинава ќе се потрошат над 2 милиони евра

Најмалку еден нов фустан, а пожелно е да се има уште еден за пресоблекување, нови чевли, чанта, сако или шал за да не застуди, шминка и фризура, нови фармерки, кошула, па и цел костум, патики, личен фотограф, накит, маникир и разни други козметички третмани, подарок за партнерот и џепарлак за не дај боже… Списокот на потребните детали е се подолг, а граѓаните во чии семејства има матурант или полуматурант паѓаат во очај, оти пресметката покажува дека за една ваква вечер нема да ги скрпат ни повеќе од илјада евра.

Матурантските вечери од скромна прослава во домашна атмосфера прераснаа во гала вечери. Девојчињата и момчињата кои само што излегуваат од тинејџерските години, сакаат да наликуваат холивудските ѕвезди, а низ бутици велат дека дури и нивните мајки инсистираат на балски фустани, кои потоа ќе висат во домашните шкафови.

Според Државниот завод за статистика во учебната 2024/25 во земјава има 128 средни училишта, а од нив 11 се приватни. Бројот матурантите е 15.487. Во земјава пак има 943 основни училишта од кои 6 се приватни, а деветто одделение годинава ќе заврша 19.907 ученици. Грубата математика покажува дека само за трошоците за прославите годинава ќе се потрошат над 2 милиони евра, што според експертите покажува дека се работи за профитабилен бизнис, на сметка на џебот на родителите.

Како и да е сезоната на матурските прослави само што почна, зачудувачки годинава дури деве недели порано од претходните години, кога се знаеше дека неделата меѓу 24 и 31 мај е резервирана за нив. Во некои од рестораните за ваква забава треба да се искешира 1.900 денари плус 650 денари за музика и тоа без алкохол. Во некои од скопските хотели цените се движат и до 2.500 денари не само за матурантите, туку и за завршените деветоодделенци. Афер забавите се посебна приказна со дополнителна цена, зборуваат отворено и професорите и родителите за „Слободен печат“. И тоа е само почетокот на долгиот список, додаваат тие.

-Матурантите сакаат по две преслеки една за прославата, а друга за афтер забавата. И ако децата сакаат нешто поедноставно, има и такви родители кои инсистираат на долги фустани кои чинат од 5 до 8.000 денари. Цената на кусите фустанчиња се движат од 2.600 до 4.000 денари – велат во дел од скопските бутици.

-За нови чевли се потребни најмалку 2.000 денари, за шминка и фризура за која се закажува дури два месеци поретходно треба да се издвојат од 2.500 до 6.000 денари.
Машките пак бараат или цели костуми кои чинат и над 10.000 денари, се разбира и нови патики кои во зависност од брендот ги плаќаат и до 9.000 денари. Каде се ташничките, накитот или бижутеријата, подарокот за партнерот, парите за такси и други трошоци оти ноќта е долга – се прашува една загрижена мајка?

Малку родители, без оглед на нивната финансиска состојба, не одолеваат да му пружат на своето дете нешто екстра, па дури и поцена да мора да земат потрошувачки кредит, кој долго ќе го отплаќаат.

-Годинава нема одмор. Земавме кредит за да ги намириме потребите не само на нашето дете, туку и за нас. Не бива родителите да не купат нешто ново и да не почестат, било дома, било на работа, било во кафеана – вели една мајка.

За повеќето матуранти денес, прославата се сведува на тоа кој колку пиел и колку селфиња направил за да ги објави на социјалните мрежи.

Секоја година од МВР ги предупредуваат учениците безбедно и долично да ја празнуваат матурата, да не возат под дејство на алкохол, да внимаваат бидејчи се високи казните за нерегистрирано возило, возење без дозвола, возење под дејство на алкохол, казни за возачи почетници. Голем број од нив возат мотори и од полицијата ги посочуват и на високите казни за неносење кацига.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот