За да имате среќа цела година: Што да направите ако ви се падне паричката од бадниковото лепче?

Со векови наназад бадниковото лепче е традиционална погача која домаќинките во Македонија ја месат за Бадник, некои и пред зори. Обичај е во тестото за традиционалното бадниково лепче да се стави паричка, а во зависност од локалните обичаи и некои други ситни предмети. Паричката се става во моментот кога тестото веќе се замесува, па потоа уште малку треба да се „домеси“, за ниту домаќинката да не знае каде отишла паричката.

Паричката е незаменлив дел од бадниковото лепче и постојат причини зошто не треба да ја фрлите, да ја задржите кај себе, да ја загубите или да ја заборавите!

На бадниковата трпеза, домаќинот дели парче од лепчето на секој член од семејството, а се верува дека оној што ќе ја најде паричката или дукатот во својот дел од лепчето, ќе има среќа, здравје и богатство во текот на целата следна година.

Според традицијата, сите членови на семејството мора да го изедат својот дел од бадниковото лепче за во нивниот дом да влезат силата и здравјето, а тој што ќе ја пронајде паричката не смее да ја фрли или заборави.

Се верува дека паричката извлечена од лепчето треба да се откупи со други пари од оној што ја пронашол во лепчето, односно оној што ќе ја пронајде паричката во своето парче, а не сака да ја задржи, може да ја „продаде“ на некој друг за да му ја отстапи својата среќа. Сепак, сите се согласуваат дека најубаво е да се задржи паричката. Потоа, паричката треба да се стави на икона или покрај неа и да се чува до следниот Божиќ, бидејќи се верува дека среќникот кој ја извлекол паричката ќе биде среќен и „полн со пари“ цела година.

Во некои средини, паричката се лепела на плафонот со помош на малку тесто, за да остане во куќата и да ги штити сите станари, но со текот на времето тоа престанало да се практикува од разбирливи причини.

Многу луѓе оваа паричка ја носат со себе како амајлија во текот на целата година, меѓутоа, најправилно би било паричката да се стави на или покрај иконата и да се чува до следниот Божиќ.

Она што никако не треба да се прави е да се купува со паричката, односно да се става помеѓу другите пари за купување, ниту да се подари некому како пари.

Во некои краишта, во бадниковото лепче се става зрно пченка, а кој ќе го добие во парчето од лепчето, ќе има успех на своето поле. Кој ќе извади парче дрен, кое домаќинката го става и во лепчето, ќе биде здрав цела година. А, ако жената добие зрно грав, старото верување вели дека може да се надева на близнаци!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот