Врнежите од дожд и снег ја полнат акумулацијата: Нивото на езерото Козјак порасна за два метра

Врнежите од дожд во текот на јануари и февруари и снегот кој наврна во изминатиот викенд, овозможија нивото на езерото Козјак да порасне за два метра, но тоа е сè уште далеку од водостојот од пред пет-шест години кога беше длабоко над 120 метри.

Незапамтената суша што ја зафати земјата во втората половина од минатата година, придонесе сите акумулации драстично да се намалат, а овој проблем не го заобиколи ниту најголемото вештачко езеро во земјава Козјак, чија големина буквално се преполови, а водната површина се повлече десетина километри кон браната и длабочината на езерото опадна за над 30 метри.

– Врнежите од дожд кои беа поинтензивни во изминатите месец и пол, придонесоа водотеците во земјава да се зголемат, а тоа овозможи и приливот на вода во езерото Козјак да се подобри. Ако се има во предвид дека оваа акумулација имаше голем губиток на вода во изминатите шест-седум месеци, овој зголемен прилив незначително ја подобри состојбата, но, сепак, е значајно затоа што езерото бележи пораст на водостојот кој деновиве е зголемен за околу 2 метри, што и визуелно е забележливо, вели Миле Стојкоски од РЦУК Македонски Брод.

Тој, истовремено, додава дека оптимизмот за подобри денови на езерото се базира врз сознанијата што најголемата притока, реката Треска и останатите околни извори се доста богати со вода и ако не се испушта вода од езерото во количества колкав што е приливот, тогаш треба да се очекува натамошен пораст на нивото на езерото Козјак, додаде Стојкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот