Времетраењето на евтината тарифа за струја останува по старо, се крчка процентот на поскапување
Веста дека главниот учесник во формирањето на цената на струјата – ЕСМ понуди поскапа електрична енергија за 4,84 проценти за наредната година, го вклучи зеленото светло за поскапувањето што треба да се случи на 1 јануари. Добрата вест стигна денес од Регулаторната комисија за енергетика – дека трите енергетските компании чии цени ги регулира таа, ќе мора да ги намалат надоместоците, во согласност со признаените трошоци. Станува збор за Електродистрибуција, МЕПСО и МЕМО, а нивното заедничко намалување ќе биде меѓу 1 и 1,2 проценти, но тие заедно учествуваат со околу 36 проценти во вкупната цена. Каков ќе биде исходот на оваа „весела математика“, ќе треба да соопшти „ЕВН хоум“ откако ќе заврши со сите пресметки. Засега е извесно само дека струјата ќе поскапи, фиксниот надоместок за приклучок ќе остане, а ќе остане и истото времетраење на евтината тарифа.
Препорачано
Од минатата година Регулаторната комисија за енергетика информира дека преку ден има пикови со многу струја и дека реално постои можност да се зголеми времетраењето на евтината дневна тарифа за еден час, па дури и за два часа. Сега таа е од 13 до 15 часот. Според изјавата на претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, граѓаните нема да добијат плус час или два, ниту од 1 јануари.
– Завршени се анализите и тие покажуваат дека, ако се зголеми времетраењето на евтината дневна тарифа, евтината вечерна тарифа место од 22 часот би требало да почне од полноќ. Но, исто така, податоците покажуваат дека има многу голема потрошувачка на електрична енергија по 22 часот, тоа се веќе стекнати навики, па ќе видиме во наредниот период што ќе преземеме по ова прашање. Реалната слика на пазарот е дека може да се зголеми во текот на денот дневната тарифа, но ги имаме предвид и навиките – вели Бислимоски.
Тој потенцираше дека евтина тарифа во текот на денот за домаќинствата имаме само ние и Федерација Босна и Херцеговина.
Регулаторната комисија за енергетика веќе почна да ги менува лиценците на фотоволтаичните електрани кои инсталираат батерии.
– Во текот на зимата нема да можеме да очекуваме дека Македонија има вишоци, бидејќи се зголемува потрошувачката пред сè кај домаќинствата затоа што голем број од нив користат електрична енергија за греење – рече Бислимоски.
Тој посочи дека во последните четири години имаме 1.200 мегавати од нови обновливи извори на енергија, тоа го зголеми инсталираниот капацитет за 36 проценти.
– Во 2024 година 55 отсто од инсталираниот капацитет е од обновливи извори, а 45 отсто се од термоелектраните и од гасната електрана во Скопје. Во 2025 година сигурно е зголемен инсталираниот капацитет од обновливи извори. Во 2024 година 40 отсто од производство на електрична енергија е од обновливи извори – информираше претседателот.
Регулаторната комисија за енергетика на крајот на ноември донесе нов Тарифен систем за пренос на електрична енергија, а и во него е предвиден фиксен надоместок за пристап кон мрежата кој сега изнесува 200 денари. Колку ќе изнесува во иднина, зависи од пресметката што ќе ја направат регулаторите.
„Надоместокот за пристап на електропреносниот систем за пресметковниот период претставува фиксен износ на надоместок изразен во денари што го утврдува Регулаторната комисија за енергетика. За секое мерно место на корисниците приклучени на електропреносниот систем се плаќа надоместок за пристап на електропреносниот систем“, пишува во Тарифникот.
И во новиот Предлог-тарифен систем е вклучен фиксниот надоместок за струја од 200 денари


