ЕВН - броила за струја / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

И во новиот Предлог-тарифен систем е вклучен фиксниот надоместок за струја од 200 денари

Здружението Инженери на Република Македонија ќе поднесе претставка за укинување на членот што предвидува ваков надоместок. Сепак, и оттаму признаваат дека неговото укинување ќе предизвика зголемување на цената на струјата за сите.

Регулаторната комисија за енергетика стокми Предлог-тарифен систем за пренос на електрична енергија, а и во него е предвиден фиксен надоместок за пристап кон мрежата, кој сега изнесува 200 денари. Колку ќе изнесува во иднина, зависи од пресметката што ќе ја направат регулаторите.

„Надоместокот за пристап на електропреносниот систем за пресметковниот период претставува фиксен износ на надоместок изразен во денари што го утврдува Регулаторната комисија за енергетика. За секое мерно место на корисниците приклучени на електропреносниот систем се плаќа надоместок за пристап на електропреносниот систем“, пишува во член 5 од Предлог-тарифниот систем.

Подготвителната седница за овој тарифен систем е закажана на 25 ноември, а од здружението Инженери на Република Македонија велат дека во меѓувреме до РКЕ ќе достават забелешки за укинување на овој надоместок. Но, како што објаснува инженерот Дениз Мустафаоглу, тоа ќе значи зголемување на цената на струјата за сите. Сепак, категоричен е тој, „ова е популистичка мерка, а и ВМРО-ДПМНЕ мора да го исполни своето изборно ветување“.

Мустафаоглу во изјава за „Слободен печат“ објаснува дека овој надоместок има две страни.

– Од една страна, тој овозможува поправедна распределба на трошоците, така што тие што имаат викендички или повеќе станови, ќе си платат за можноста во секој момент струјата да им биде достапна, но од друга страна со популистичката мерка се покриваат приходите одобрени на ЕВН. ЕВН годишно мора да има чиста добивка од 60 до 70 милиони евра. Овде мислам на заедничката добивка на сите фирми на ЕВН. Не знам точно по која основа е дефинирана таквата добивка, но тоа е така, а може да се види од годишните извештаи за добивките на компаниите. Со појавата на фотоволтаиците им паѓа профитот. За да ја направат таа заработка, а да не поскапи струјата, се смисли оваа тарифа – вели Мустафаоглу.

Тој признава дека како што сега е конципиран моделот, укинувањето на фиксниот надоместок би ја поскапил струјата за сите.

– Струјата секако ќе поскапи. Ние сме презеле обврски во согласност со Планот за раст на Западен Балкан и сме прифатиле во 2027 година интервенцијата на државата во цената на струјата да биде најмногу 30 проценти, а сега е многу повеќе. Затоа, ние своевремено реагиравме и баравме ЕСМ да биде универзален снабдувач. Кога веќе ја продава струјата по 62 евра за мегават-час, тогаш не смееме да имаме конкуренција со универзален снабдувач. ЕВН, кој е универзален снабдувач, со години купува струја од ЕСМ. Зошто тогаш ЕСМ да не ја добие маржата од 11 проценти што ја има ЕВН? ЕСМ пропаѓа, а ЕВН заработува – критикува Мустафаоглу.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски уверува дека со „мрежарината“ не се дозволува екстра профит на ЕВН, поточно на нејзината фирма-ќерка Електродистрибуција, а дека и цената на струјата значително би се зголемила, што особено би ги погодило посиромашните. Ова давачка се воведе на 1 јануари годинава, а при нејзиното обелоденување, Бислимоски излезе со детална пресметка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот