Врел костен во рацете на Антикорупциска: Можел ли директорот на АНБ Бојан Христовски прво да стане директор, па потоа да аплицира за безбедносен сертификат ,,државна тајна”?
Имало ли прекршување на процедурата кога новиот директор на АНБ, Бојан Христовски, бил назначен од Владата за прв човек на тајната полиција? Ова е новиот врел костен во рацете на антикорупционерите, откако до нив пристигнала анонимна пријава во која подносителите навеле дека „најнапред морало за него да биде извршена безбедносна проверка па потоа да стане директор, а не обратно – прво да стане директор па потоа да аплицира за сертификат со степен државна тајна“.
Препорачано
Ваквата пријава Антикорупциска ја примила во понеделникот и за неа е оформен предмет. Според наведеното во пријавата до која дојде „Слободен печат“, тоа што Христовски е назначен за директор на АНБ без да има сертификат од трет степен ,,државна тајна“ е огромен проблем кој според пријавителите го ставал во позиција на судир на интереси, затоа што „сега од позиција на директор на АНБ тој всушност им е претпоставен на тие што ќе му ја вршат безбедносната проверка за добивањето на сертификатот со степен државна тајна – и можел да им влијае“.
Со други зборови пријавата е насочена кон тоа дека директорот ќе биде безбедносно проверуван за да добие сертификат ,,државна тајна“ откако е назначен и тоа дека проверката ќе биде вршена од луѓе што му се подредени по вертикала во АНБ.
Законот за АНБ предвидува повеќе видови безбедносни проверки. Една од нив, предвидена во членот 10 е онаа која се врши пред некој да биде именуван за директор. Безбедносна проверка се врши и за друга намена – за засновање работен однос во Агенцијата (безбедносна проверка од втор степен предвидена во членот 69).
Христовски во своето неодамнешно интервју за емисијата „Код“ се осврна на прашањето со безбедносниот сертификат и безбедносната проверка. За безбедносната проверка неопходна за поставување за директор, тој рече дека „таа била завршена за време на неговото работење во МВР“. Тој во интервјуто откри дека има сертификат со степен „строго доверливо“ и дека со доаѓањето во АНБ уште веднаш почнал постапка за добивање највисок степен на класификација согласно потребите на новото работно место.
– Во текот на целата моја кариера сум поседувал безбедносни сертификати, максимално до „државна тајна“. Тоа беше до 2019 година мислам, кога во една политички монтирана безбедносна хајка од страна на политички инструирани високо позиционирани функционери во тогашната УБК, не ми беше одземен, туку не ми беше продолжен безбедносниот сертификат.
Во следниот период веќе немав поднесено барање за нов сертификат, бидејќи не бев распореден на соодветно место. Согласно Законот за класифицирани информации, кога немате пристап или потреба за пристап до класифицирани информации, не се ни бара безбедносен сертификат.
По моето повторно вработување во МВР во 2023 година, согласно моето работно место и потребите, аплицирав за безбедносен сертификат од степен „строго доверливо“, кој за експресно брзо време го добив бидејќи немаше никаков проблем. Денеска со моето доаѓање во АНБ, уште веднаш отпочнав постапка за побарување, односно добивање на највисокиот степен на класификација – рече Христовски во „Код“.
Пријавителите во Антикорупциска пак, ја оспоруваат процедурата од членот 10 од Законот за АНБ, односно условите што треба да ги исполнува некој пред да биде именуван како директор – а и оние за добивањето на безбедносниот сертификат со највисок степен.
Сертификатот со степен„ државна тајна“ го издава Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. „Слободен печат“ праша во Дирекцијата дали до ДБКИ за Христовски е доставено барање за безбедносна проверка и од кого.
„Во врска со вашето барање за започнување на постапка за издавање на безбедносен сертификат за Директорот на АНБ, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации Ве известува дека истата е ‘за ограничена употреба‘ и не е од јавен карактер“, ни одговорија од ДБКИ.
Антикорупционерите освен овој ќе чешлаат уште два аспекти од назначувањето на Христовски. Едниот е дипломата за завршен Економски факултет од Универзитетот за туризам и менаџмент добиена во август 2023 година.
Пријавителите побарале антикорупционерите да го обезбедат целото досие за студирањето, програмата, дипломата, уверението за положени испити, насоката. Ова од причина што таа диплома за завршен Економски факултет со 240 кредити е клучен услов да се стане директор на АНБ, а без неа Христовски не би ги исполнувал условите за именување.
Антикорупциска ќе проверува дали навистина Христовски би имал судир на интереси како директор на АНБ и дали навистина тој самиот би бил директен учесник во постапката за безбедносна проверка на самиот себеси, дали би имал моќ и влијание да влијае на исходот од таа безбедносна проверка.
Подносителите навеле дека ,,тој со својот потпис би бил дел од последната фаза на добивање на безбедносниот сертификат“ и дека ,,не е можно да се изземе за безбедносната проверка за себе лично зашто самиот раководи со човечки ресурси и вработени кои го проверуваат и може да трпат штета или да имаат корист од постапувањето или непостапувањето во безбедносната проверка“.
Тоа впрочем, како што пишува во пријавата, е и причината што во законот безбедносната проверка се предвидува пред назначување на директор, а не откако некој ќе биде назначен за директор на АНБ – за да не се прејудицира дека некој ќе го добие сертификатот, а и за да се отстранат штетните последици од негативна безбедносна проверка на лице кое стапило на должност. Во пријавата се оспорува и тоа што до неодамна Христовски бил партиски активен. Владата го именуваше за директор на 16 октомври.
Тој во емисијата „Код“ потенцираше дека се отчленил од партијата ВМРО-ДПМНЕ, но и подвлече дека умее да ги разграничи професионалните постапувања од идеологијата. Од моментот кога е назначен, Христовски е причина за несогласувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека претходниот директор на АНБ, Виктор Димовски, бил на чело на АНБ кога се случувале како што велат скандали, со издавање на пасоши на белосветски наркобосови и криминалци, а пасош доби и Олександр Онишченко.
– СДСМ нема кредибилитет да зборува за АНБ, затоа што тие ја партизираа и го кородираа системот на националната безбедност. АНБ и Агенцијата за разузнавање работеа за СДСМ наместо за граѓаните. Владата на ВМРО-ДПМНЕ воведува професионализациjа во службите за безбедност. АНБ и другите служби ќе работат за граѓаните – истакна на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски.
СДСМ пак, обвини дека со поставувањето на Христовски, АНБ била „партиски киднапирана“ и најавија дека ќе ги исконтактираат стратешките партнери. Претседателот на СДСМ Венко Филипче го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека со назначувањето на Христовски предизвикал понижување на вработените во АНБ.
– Со овој манир Мицкоски потсетува на неговиот партиски претходник кога овие институции се користеа за пресметка со политички неистомисленици и новинари. Не може никако поинаку да се толкува ова назначување на оваа навистина сензитивна позиција. Ќе ги известиме сите наши стратешки партнери и ќе побараме соодветно мислење и реакција за назначувањето на Христовски од нивна страна – рече Филипче.
Дискриминиран од Министерството за внатрешни работи
Во септември 2023 година Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила дека Христовски бил дискриминиран од страна на Министерството за внатрешни работи.
Од јавно објавеното мислење дека тој претрпел дискриминација, се гледа хронологијата на дел од кариерата на сегашниот прв човек на АНБ. Тој најнапред бил вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање при МВР. По формирањето на Агенцијата за национална безбедност поднел пријава да биде преземен и да работи во АНБ, но бил одбиен поради наводен безбедносен ризик. Затоа продолжил да работи во МВР.
Во јули 2022 година бил назначен за директор на „ЈП Градски паркинг Скопје“, па заради таа позиција, работното место во Министерството за внатрешни работи го ставил во мирување. Но, само три месеци подоцна кога бил разрешен од директор на „ЈП Градски паркинг“ се обидел да се врати на работното место во МВР. Тоа му било одбиено и останал без плата и здравствено осигурување за малолетните деца. Поради тоа што МВР не го враќало на работа, поднел тужба до судот, како и постапки до трудовиот инспекторат и внатрешната контрола при Министерството.
Министерството за внатрешни работи образложувало дека Христовски имал негативна проверка од АНБ и затоа не бил вратен на работа во МВР. Тој го оспорувал ова во претставката до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
„Во таа смисла, подносителот бил апликант, кој како вработен во МВР аплицирал за работа во АНБ, но бил одбиен со неосновано образложение дека му бил утврден ризик во друга управна постапка – за издавање безбедносен сертификат за класифицирани информации. Таквото образложение било законски сосема неосновано, затоа што безбедносна проверка за вработување во АНБ и безбедносна проверка за издавање безбедносен сертификат за класифицирани информации се две различни управни постапки предвидени со два различни закони, и со различна намена. Откако бил одбиен за вработување во АНБ, подносителот останал вработен во МВР“, се наведува во јавно достапното мислење на Комисијата за заштита од дискриминација.
Таму е наведено и дека Христовски бил директно дискриминиран од МВР при остварувањето на своите права од работен однос, затоа што МВР со други вработени постапило поинаку отколку со Христовски, а тие биле во идентична ситуација.
Имено, вработени во МВР (УБК) кои исто така аплицирале за вработување во АНБ и биле одбиени поради утврден ризик, Министерството потоа ги распределило на други работни места во рамките на самото Министерство. Следствено, причините поради кои МВР не постапувало се темелат на тоа што подносителот бил именуван на функцијата од страна на градоначалникот на Град Скопје, кој на локалните избори во 2021 година бил поддржан од ВМРО-ДПМНЕ. Па оттука подносителот претрпел директна дискриминација по основ на своето лично својство и општествен статус, дотолку повеќе што во идентични случаи, работодавачот постапувал различно, се додава во мислењето од Комисијата за заштита од дискриминација.


