Вредни парчиња накит на Клаудија Кардинале одат на аукција
Накитот на легендарната италијанска актерка Клаудија Кардинале ќе биде продаден на аукција од 19 до 26 јуни, соопшти нејзината ќерка Клаудија Сквитиери, пренесува „Ла Сицилија“.
Препорачано
„Овие драгоцени парчиња припаѓаат на историјата на високата јувелирска уметност, на едно златно време на италијанскиот филм, римскиот сладок живот и врвот на кариерата на мајка ми“, изјавила Сквитиери за италијанската агенција АНСА.
Станува збор за исклучително вредни парчиња, главно од брендовите „Булгари“ и „Бучелати“.
Познатите обетки во форма на цвет маргаритка, со сафир и дијаманти, кои ќе бидат понудени на аукцијата, Кардинале ги носела уште како млада на конференцијата за филмот „Леопард“ со Ален Делон и Берт Ланкастер во 1963 година.
На аукцијата ќе бидат понудени и дијамантски обетки во форма на солза, кои актерката ги носела на доделувањето на Оскарите, како и три прстени од „Булгари“ со смарагд од 30 карати, рубин и сафир, кои ги носела на премиерата на филмот „Пиштолџики“.
„Прстените со драгоцени камења ги избравме јас и брат ми Патрик Кристалди. Тоа е само дел од колекцијата на мајка ми. Ги одбравме бидејќи припаѓаат на посебен период, моментот на нејзиниот подем и ја претставуваат круната на нејзината кариера. Избрани се како врвни јувелирски парчиња што би можеле да добијат нов живот. Кога бев мала, си играв со тие драгоцености и се преправав дека сум принцеза“, рекла Сквитиери.
Според проценките, прстенот со смарагд вреди до 80.000 евра, оној со рубин до 100.000 евра, додека прстенот со сафир може да достигне вредност до 80.000 евра.
„Нашата идеја беше да ги продадеме за во нив да уживаат колекционери на накит од „Булгари“, а воедно тие да останат како круна на кариерата на мајка ми“, додала ќерката.
Дел од приходите од продажбата ќе бидат наменети за Фондацијата „Клаудија Кардинале“, последниот проект на актерката, создаден заедно со нејзината ќерка, а наменет за финансиска поддршка на млади уметници од аудиовизуелната индустрија.
Поголемиот дел од накитот актерката го добила од продуцентот и тогашен партнер Франчо Кристалди, како признание за нејзината работа и талент.


