Вредни милиони долари: САД ѝ вратија стотици антиквитети на Италија
Дури 266 антички артефакти, вредни десетици милиони евра, беа вратени во Италија од Соединетите Американски Држави, каде што биле продадени од меѓународна мрежа на шверцери во текот на деведесеттите години, пишува „Ројтерс“.
Предметите, од кои некои датираат од деветтиот век п.н.е., вклучуваат дела од етрурската цивилизација, Голема Грција и Антички Рим.
Италијанските карабинери соопштија дека артефактите се вратени благодарение на соработката на италијанските и американските власти.
Фотографиите објавени од италијанското Министерство за култура покажуваат бројни артефакти, како што се насликани керамички садови, статуи и монети.
Повеќе од половина од предметите се пронајдени и конфискувани кај британскиот продавач на антиквитети Робин Сајмс.
Уште 65 предмети биле дел од колекцијата „Менил“ во музејот на американскиот град Хјустон, кој решил да ги врати во Италија откако полицијата утврдила дека се ископани на археолошки локалитети, а потоа илегално извезени.