Враќање на симболот на луксузот: Свети Стефан се отвора по пет години „под клуч“
По пет години „под клуч“, туристичкиот комплекс „Свети Стефан“ ќе биде отворен за гости најдоцна до јуни оваа година, откако се усвоени условите за спогодба на државата и „Адриатик Пропертис“.
Препорачано
Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, соопшти дека се стекнати формалните услови за повторно отворање на градот-хотел „Свети Стефан“, долгогодишен симбол на црногорскиот туризам.
Спајиќ истакна дека интензивните преговори овозможиле заштита на државниот и отстранување на ризикот од потенцијална штета поголема од 100 милиони евра, наведено во соопштението на Владата.
– Обезбедивме поповолни финансиски услови за домашните компании хотели „Свети Стефан“ и ХТП (хотелско-туристичка компанија) „Милочер“, чии приходи ќе се зголемат од 1.285.000 на 1.555.000 евра. Особено е значајно што државата ќе оствари удел во профитот од 10 отсто – рекол Спајиќ, пренесува Срна.
Тој рекол дека планот е да се продолжи закупот за период од пет години, период во кој комплексот не беше во функција, со јасна обврска на компанијата „Адриатик пропертис“ да го отвори хотелот најдоцна до јуни.
– Убедени сме дека повторното отворање на „Свети Стефан“ ќе придонесе за зајакнување на меѓународниот углед на Црна Гора како елитна туристичка дестинација и ќе го означи враќањето на светскиот џет-сет на една од најпрестижните локации на Медитеранот – порачал Спајиќ.
Градот – хотел „Свети Стефан“ го дочека својот 65-ти роденден затворен за туристи


