Возачот кој ја предизвика трагедијата на скопската обиколница е во притвор
Судија на претходна постапка доцна синоќа му определил мерка притвор на возачот осомничен за тешката сообраќајна несреќа на скопската обиколница во која загинаа четворица луѓе.
Препорачано
Мерката е донесена на барање на надлежното јавно обвинителство по спроведениот распит во судот поради постоење опасност од бегство, како и можност осомничениот да го повтори кривичното дело, велат од Судот.
Во несреќата загинаа три момчиња на 20-годишна возраст: Марко Ѓорѓиевски, Петар Миланов, Адам Велков, како и неговиот татко, оперскиот пејач Ристе Велков.
Обвинителството претходно објави детали за страотната несреќа.
„Осомничениот 76-годишник управувал товарно возилo МАН со прикачена полуприколка со косовски регистарски таблички, по северната обиколница на град Скопје во насока од запад кон исток. Притоа не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол во близина на клучката Мирковци брзината на движење на возилото не ја приспособил спрема својствата и состојбата на патот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови, така што да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка што под дадени услови можел да ја предвиди. Во еден момент изгубил контрола над возилото и свртел во лево, па удрил и ја пробил металната одбојна ограда и продолжил со движење, преминувајќи на коловозот од автопатот наменет за движење на возилата од спротивната насока, каде во него со предната страна удрил автомобил „БМВ“ кој се движел во насока од исток кон запад“, соопштија од Обвинителството.


