Баритонот Ристе Велков и неговиот син Адам се меѓу загинатите во трагичната несреќа на обиколницата
Баритонот на Македонската национална опера и балет Ристе Велков и неговиот 20-годишен син Адам, се двајца од четворицата загинати во трагичната сообраќајна незгода што се случи ноќеска на скопската обиколница.
Препорачано
Ристе Велков беше оперски солист првенец, еден од водечките македонски баритони кој заслужено го носеше епитетот – италијански баритон со кадифена боја.
Во несреќата загина и 20-годишниот Петар Миланов од Скопје и уште едно лице чиј идентитет засега е непознат.
Според видеоматеријал од настанот возилото се запалило целосно и било пеплосано. Неофицијално, возачот на влекачот МАН преминал во лентата на сега загинатите и го собрал нивното возило.
На 21.05.2026 во 23 часот во СВР Скопје е пријавено дека на обиколница на Град Скопје, помеѓу надвозник Визбегово и клучка Мирковци, Б.Б.(76) од Косово, управувајќи товарно возило – влекач „ман“ со полуприколка со косовски национални ознаки, изгубил контрола над возилото и со него преминал преку металната ограда во спротивната насока на автопатот при што се судрил со патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.В.(51) од Скопје. Од сударот настанал пожар во двете возила од кој патничкото возило и кабината на влекачот целосно изгореле. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопјe, велат од МВР за „Слободен печат“.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починал возачот Р.В. и сопатниците од неговото возило, А.В.(20) и П.М.(20) од Скопје и уште едно лице чиј идентитет засега е непознат, посочуваат оттаму.
Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телата на починатите се дадени на обдукција. Исто така, по наредба на јавен обвинител возачот Б.Б. е лишен од слобода и задржан во полициска станица. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава. За време на вршење на увидот, односно во периодот од 23 часот и 10 минути до 5 часот сообраќајот е пренасочуван на патниот правец Тетово-Велес, кај клучка Приштина кон с.Визбегово, и Велес-Тетово кај клучка Мирковци. Во 5 часот сообраќајот е нормализиран, додаваат од Министерството за внатрешни работи.


