ВО ЖИВО | Една недела од рускиот напад во Украина, вести од минута во минута

Украина војна/ Фото EPA-EFE/ALISA YAKUBOVYCH

23.42ч. Се урна романски воен хеликоптер, загинаа петмина – беше пратен по исчезнат МИГ

Романски хеликоптер испратен во мисија за потрага и спасување откако доцна во средата романски воен авион МИГ-21 исчезна од радарот, се руна при што загинале петмина војници во него, соопшти романското министерство за одбрана.

Пилото на хеликоптерот ИАР 330-Пума известил за неповолни временски услови и е повикан да се врати наза во безата пред падот, соопшти министерството.

Судбината и локацијата на МИГ-от се уште не се познати.

23.28ч „Мерцедес-Бенц” го прекина извозот во Русија

Германскиот производител на автомобили Мерцедес-Бенц го прекина извозот на автомобили во Русија и го запре нивното производство во земјата.

– Мерцедес-Бенц ќе го прекине извозот на автомобили и мини комбиња во Русија до следно известување, а ќе го запре и локалното производство во Русија, се наведува во соопштението на компанијата.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари, неколку германски и западни автомобилски групации веќе најавија повлекување од рускиот пазар.

23.15ч. Руски тајкун нуди милион долари за главата на Путин: Се бара жив или мртов

Рускиот бизнисмен Алекс Конаникин нуди милион долари за апсење на рускиот претседател Владимир Путин.

„Ветувам дека ќе платам милион долари на офицерите кои, почитувајќи ја нивната уставна должност, ќе го уапсат Путин како воен злосторник според руското и меѓународното право“, напиша Конаникин на социјалните мрежи Фејсбук и Линкедин.

Путин и бизнизменот Конаникин/Фото: ЕПА-ЕФЕ/Фејсбук

„Путин не е руски претседател затоа што дојде на власт преку специјални операции за минирање на станбени згради во Русија, а потоа го прекрши Уставот со елиминирање на слободните избори и убивање на своите противници.

„Како етнички Русин и руски државјанин, сметам дека е моја морална обврска да го олеснам денацификацијата на Русија. Ќе продолжам да и помагам на Украина во нејзините херојски напори да се спротивстави на нападот на ордата на Путин“, додаде тој во изјавата.

Конаникин објави фотографија од Путин со зборовите „Се бара: жив или мртов“. Набргу потоа, Фејсбук ја отстрани неговата објава, но Конаникин ја повтори, но овој пат без фотографија од главата на Путин.

22.55ч. Џонсон: Путин не може да помине неказнето, поднесена пријава против Русија во Меѓународниот суд во Хаг

Против Русија е поднесена пријава до Меѓународниот кривичен суд во Хаг, која е најмасивна досега, изјави британскиот премиер Борис Џонсон, пренесува Би Би Си.

Џонсон напиша дека 38 земји го упатиле режимот на Владимир Путин на суд поради наводни воени злосторства извршени за време на инвазијата на Москва од страна на Украина.

„Ние сме кристално јасни дека Путин не може неказнето да ги изврши овие ужасни дејствија“, напиша Џонсон.

22.41ч. ВИДЕО: Руските тенкови влегоа во Херсон, градот падна под руска контрола

Градоначалникот на украинскиот град Херсон во Фејсбук статус објави дека градот паднал под контрола на Русите. Според Би Би Си, тој напишал дека денеска во канцеларијата на градската власт во Херсон влегле вооружени посетители, мислејќи притоа на руски војници и тој им рекол дека во градот нема украински војници туку само цивили кои тука сакаат да живеат.

Тој додал дека руските сили вовеле полициски час од 20 часот до 6часот наутро, но дека на возилата со храна и лекови ќе им биде дозволен влез во градот. Тој напишал и дека автомобилите во градот мора да возат со минимална брзина и дека на пешаците им е забрането да се движат во групи поголеми од две лица, пренесува Би Би Си.

-Засега така е. Украинското знаме се’ уште е над нас. И за така да остане мора да ги почитуваме овие барања, соопшти тој.

22.18ч. ОН: Досега во Украина се убиени 227 цивили, а 525 се повредени

Канцеларијата на ОН за човекови права соопшти дека досега е потврдено оти во Украина загинале 227 цивили, а 525 се повредени.

– Најголемиот број жртви се должат на употребата на експлозиви, гранатирања и тешка артилерија, но и како резултат на напади од повеќецевни ракетни фрлачи и воздушни напади, се наведува во соопштението на ОН од Женева.

ОН сметаат дека реалниот биланс е „значително поголем”, особено затоа што извештаите пристигнуваат со задоцнување од областите каде што се водат интензивни борби.

21.25ч. JPMorgan: Русија може да банкротира

Руските берзи се затворени, рубљата вреди помалку од еден цент, а западните бизниси заминуваат; земјата е пред банкрот, предупредуваат од JPMorgan, соопшти Си-Eн-Eн.

– Со санкциите наметнати против Русија се зголемува можноста земјата да не си ги исполни обврските за подмирување долгови во девизи, се дознава од порака до своите клиенати испратена од аналитичари за пазарите во развој на JPMorgan.

Не дека Русија нема готовина за исплата на обврските, која според Централната банка изнесува 643 милијарди долари странски резерви. Но од JPMorgan велат дека санкциите на ЕУ и САД против руски владини ентитети ја спречува Русија да префрла пари и ги нарушува синџирите на исплата, што претставува голема пречка за подмирување на меѓународните обврски.

21.19ч. Голема експлозија го потресе Киев, може да биде погодено централното греење

Голема експлозија одекнала вечерва во Киев, набргу откако се огласија предупредувачките сирени во главниот град на Украина.

Прелиминарните извештаи покажуваат дека мета на нападот била централната железничка станица во Киев.

Се уште нема информации за евентуални жртви или причинета материјална штета, но експлозијата би можела да го прекине снабдувањето со централно греење на делови од главниот град на Украина каде има ниски зимски температури, изјави советникот на Министерството за внатрешни работи Антон Херашченко во објава на интернет.

21.00ч. Макрон за војната во Украина: „Наредните денови веројатно ќе бидат уште потешки”

„Деновите што доаѓаат веројатно ќе бидат уште потешки”, го започна своето обраќање до француската нација, претседателот Емануел Макрон, кој ја пофали „честа и храброста” на украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Во ова невидена искушение ние стоиме со Украина”, јави дописникот на МИА.

Ниту Франција, ниту Европа, ниту Атлантскиот сојуз не ја сакаа оваа војна, продолжи претседателот на Франција.

– Јас сум во постојан дијалог со Владимир Путин од 2017 година. Претседателот на Соединетите Држави ја изрази својата достапност за преговори. Затоа, сосема сам и намерно, откажувајќи се една по една од обврските преземени пред заедницата на нациите, претседателот Путин избра војна, нагласи Макрон.

20.00ч. Ле Мер: ЕУ ќе ги вклучи криптовалутите во пакетот санкции против Москва

Европската унија ќе ги вклучи криптовалутите во пакетот санкции против Русија, со цел да ја направи агресијата на Москва врз Украина колку е можно поскапа, изјави францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер.

Тој на прес-конференција по состанокот на министрите за финансии на ЕУ истакна дека санкциите против Русија се многу ефикасни и дека тие го дезорганизираат рускиот финансиски систем и ја парализираат способноста на руската централна банка да ја заштити рубљата.

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел денеска ја поздрави одлуката на БиХ, Северна Македонија, Црна Гора и Албанија да се приклучат кон финансиските санкции што ЕУ ги воведе на 23 февруари против Руската Федерација.

19.30ч. Украина: Досега се убиени над 7.000 руски војници

Во Украина досега се убиени повеќе од 7.000 руски војници, изјави Олексиј Арестович, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

– Стотици руски војници се наоѓаат во заробеништво, додаде Арестович.

Претходно руското Министерство за одбрана првпат ги објави бројките за своите загуби, а тие очекувано се разликуваат од украинските податоци. Имено, Москва извести дека за време на инвазијата досега се убиени 498 руски војници, а 1.597 се повредени.

19.00ч. Кина нема да воведе санкции за Русија поради Украина

Кина нема да се приклучи кон финансиските санкции што САД и ЕУ ги воведоа против Русија, соопшти денеска кинеската банкарска регулаторна комисија.

Претседателот на кинеската регулаторна комисија за банкарство и осигурување, Гуо Шукинг изјави дека официјален Пекинг е против воведувањето санкции.

– Ние нема да се приклучиме на таквите санкции и ќе одржиме нормална економска, трговска и финансиска размена со сите релевантни страни, истакна Гуо на прес-конференција.

Тој додаде дека Кина не ги одобрува финансиските санкции, особено оние наметнати еднострано, „бидејќи тие немаат правна основа и нема да имаат добри ефекти”.

18.50ч. Руско Министерство за одбрана: Руските вооружени сили уништија повеќе од 1.500 воени цели во Украина

Руските вооружени сили уништија повеќе од 1.500 воени цели од почетокот на специјалната воена операција во Украина, вклучувајќи 13 борбени авиони и 47 беспилотни летала, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.

„За време на досегашните воени операции, уништени се 1.533 воени цели “, изјави на денешната прес-конференција, портпаролот на Министерството за одбрана Игор Конашенков.

Конашенков објасни дека на земја биле погодени 47 воени авиони, додека во воздух биле соборени уште 13 авиони и 47 беспилотни летала и дека 484 тенкови и други борбени оклопни возила.

Претходно, официјални лица од одбраната на Русија соопштија дека „речиси 500 руски војници се убиени од почетокот на војната во Украина”.

„Загинаа 498, а уште 1.597 се ранети во изминатите седум дена”, тврди руското Министерство за одбрана во својот прв извештај за воени жртви откако земјата го нападна својот источноевропски сосед минатата недела.

18.35ч. Генералното собрание на ОН усвои резолуција за агресијата врз Украина

Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која се изразува најдлабоко жалење за руската агресија врз Украина и се бара Русија веднаш да престане да се заканува и да користи сила против Украина и итно, целосно и безусловно да ги повлече сите свои воени сили од меѓународно признатата територија на Украина.

Резолуцијата беше усвоена со 141 глас „за”, пет „против” и 35 воздржани.

Седница на Генерално собрание на ОН за Украина/Фото; EPA-EFE/JUSTIN LANE

Усвоената резолуција ја потврдува посветеноста на Украина за суверенитет, независност, единство и територијален интегритет во нејзините меѓународно признати граници.

Се изразува и жалење за одлуката на Русија во врска со статусот на украинските региони Доњецк и Луганск, со барање Москва веднаш и безусловно да ја поништи таа одлука.

Се повикува на итно мирно решавање на конфликтот преку политички дијалог, преговори, посредување и други мирни средства, како и почитување на договорот од Минск.

Во неа се нагласува жалење заради вмешаноста на Белорусија во нелегалната употреба на сила против Украина и го повикува Минск да се придржува до своите меѓународни обврски.

18.20ч. САД задолжи десетина државни обвинители да ги гонат „корумпираните руски олигарси”

Американското Министерство за правда задолжи десетина државни обвинители да ги гонат „корумпираните руски олигарси” и сите оние кои ги прекршуваат санкциите воведени од Вашингтон кон Москва по инвазијата на Украина.

Џо Бајден им се обрати на новинарите пред Белата куќа/Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

„Нема да штедиме напори да го истражиме, уапсиме и гониме секој чии криминални активности ѝ овозможуваат на руската влада да ја продолжи оваа неправедна војна”, наведе министерот Мерик Гарланд во изјавата во која ги наведува главните карактеристики на специјалната единица што претходно истиот ден ја објави претседателот Џо Бајден. .

Одделот наречен „Kleptocapture” ќе има повеќе од десет државни обвинители и истражители од федералната полиција, даночните и поштенските служби.

17.50ч. Косовско МНР: Тројца Косовари ја напуштија Украина, четиричлено семејство на пат за Унгарија

Косовското Министерство за надворешни работи објави денеска дека тројца косовски државјани ја напуштиле Украина, која е под воена агресија од Русија, додека четиричлено семејство од Косово е на пат да излезе од таа земја и да премине во Унгарија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Бегалци од Украина во Краков/ Фото: EPA-EFE/LUKASZ GAGULSKI POLAND OUT

Претставничката за односи со јавноста на косовското МНР, Ќендреса Фазлиу изјави за косовските медиуми дека тројцата Косовари кои денеска излегле од Украина престојувале таму на неколку дена поради деловни и бизнис причини.

Фазлиу рече дека споменатите седум лица се единствените косовски државјани во Украина со кои косовското МНР досега воспоставило контакт.

17.00ч. Кулеба: Повеќе од илјада странци вклучени во борбите против Русија

Повеќе од илјада странци досега се вклучиле во борбите против Русија, според украински податоци.

„Доброволци од 16 земји ширум светот веќе дојдоа во Украина, подготвени да се борат заедно со украинскиот народ против агресорите”, изјави денеска украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Дмитриј Кулеба
Дмитриј Кулеба/ Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Тој додаде дека „нивниот број веќе надминал повеќе од 1.000 луѓе”.

Информацијата засега не е потврдена од независни извори, јави ДПА.

Кулеба не прецизираше од кои држави дошле доброволците. Тој нагласи дека 19 земји досега ветиле испораки на оружје за Украина.

16.53ч. Германија го предаде ветеното оружје на Украина

Оружјето што Германија го вети за Украина како помош во борбата против Русија е предадено, изјавија владини извори за ДПА.

Германските војници продолжуваат да ја одржуваат својата оперативна подготвеност со колегите од НАТО во Литванија во вторник, 1 март 2022 година/Фото: EyePress via AFP / AFP / Profimedia

Германската влада во саботата најави дека ќе ги поддржи украинските вооружени сили со 1.000 парчиња анти-тенковско оружје и 500 „стингер” ракети земја-воздух.

Ваквата одлука е голем пресврт за германската политика, бидејќи Берлин долго време држеше став дека нема да им се придружи на другите НАТО сојузници во испраќањето обиствено оружје во Украина.

16.42ч. УНХЦР: Приближно 875.000 луѓе ја напуштија Украина

Бројот на украинските бегалци се искачи на речиси 875.000, соопштија денеска Обединети нации, во седмиот ден од руската инвазија врз Украина.

На интернет-страницата на Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) досега вкупно 874.026 луѓе ја напуштиле Украина.

– Тоа е огромен пораст од околу 200.000 бегалци во споредба со 677.000 бегалци претходниот ден, нагласи шефот на УНХЦР, Филипо Гранди.

Речиси половината од луѓето кои ја напуштиле Украина (454.000) избегале во Полска, 116.000 во Унгарија, 79.000 во Молдавија, 67.000 во Словачка, 45.000 во Романија, 43.000 во Русија и 350 во Белорусија. Останатите 70.000 се во други европски земји.

16.30ч. МААЕ: Работиме со „сите страни” за да обезбедиме помош

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси денеска изјави дека телото работи со „сите страни” по руската воена интервенција во Украина за да обезбеди помош побарана од нуклеарното регулаторно тело на земјата за да ја осигура безбедноста на своите капацитети.

Генералниот директор на МААЕ/Фото: EPA-EFE/CHRISTIAN BRUNA

„Јас сум во контакт со сите страни за да се осигураме дека можеме да ја обезбедиме оваа помош на ефективен начин. Бидејќи овие консултации се во тек, не сум во позиција сега да ви кажам каква ќе биде и кога ќе биде испорачана таа помош”, рече Гроси на прес-конференција.

Тој додаде дека помошта може да вклучи и испраќање персонал.

15.43ч. ЕУ со санкции против 22 високи белоруски воени претставници поради Украина

Европската унија воведе санкции за 22 високи белоруски воени офицери поради улогата на Минск во помагањето на руската инвазија врз Украина.

Шест генерали и 16 полковници се додадени на црната листа на ЕУ бидејќи „Белорусија учествува во руската неиспровоцирана инвазија врз Украина со тоа што дозволува воена агресија од нејзината територија”, се вели во официјалниот документ за санкции.

Црната листа забранува патување во блокот и наметнува замрзнување имот.

15.30ч. ВИДЕО: Училиште во Харков погодено од проектил, огромна дупка на фасадата

Украинскиот парламент Рада на Твитер објави фотографии на кои, како што се наведува е училиште во Харков погодено од проектил.

На фотографиите се гледа голема дупка од проектил на фасадата од училиштето како и оштетување во училниците.

13:46 Русите тврдат дека ја заземале најголемата нуклеарна централа во Украина

Руските сили ја контролираат најголемата нуклеарна централа во Украина, изјави шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), повикувајќи се на информации од Москва.

Руските дипломати во Виена го информираа генералниот директор на МААЕ Рафаел Гроси за случувањата, Како што се наведува во писмото упатено од руската амбасада до МААЕ, персоналот на нуклеарната централа Запорижија продолжува да обезбедува безбедна работа и дека нивоата на радијација се во нормала.

13:00 Захарова: Протерувањето на руските дипломати од ОН е ескалација на односите предизвикани од Вашингтон

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Русија жали поради протерувањето на 12 руски дипломати од ОН.

САД протераа 12 руски дипломати од Обединетите нации поради загриженост за националната безбедност, соопштија американски и руски дипломати.

Марија Захарова/ Фото Архива на СП

12:25 Лавров: Третата светска војна ќе биде нуклеарна

„Третата светска војна ќе биде нуклеарна“, предупреди рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Тој исто така предупреди дека таков конфликт ќе биде катастрофален.

„Руската специјална операција во Украина беше започната со цел да се разоружа сегашниот режим во Киев и да се спречи тој да дојде до нуклеарно оружје“, изјави Лавров во интервју за Ал Џезира, а пренесува руската агенција ТАСС.

12:01 Кличко за CNN: Путин сака Украина да биде дел од „новата руска империја“

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, за Си-Ен-Ен изјави дека она што навистина му треба на Киев во моментов се „построги санкции против Русија“ и дека е горд на својот народ кој се крена против една од најсилните воени сили во светот за да ги брани своите домови.

Поранешниот светски шампион во бокс во тешка категорија изјави дека е „многу горд што е Украинец“ во моментов.

Виталиј Кличко/ Фото EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE

11:53 Песков: Ние сме подготвени вечерва да ги продолжиме преговорите

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска јави дека руската делегација е подготвена за продолжување на преговорите со украинската страна, но одби да прецизира на која локација ќе се одржи средбата, пренесува Тасс.

-Нашата делегација ќе биде таму доцна попладне. Ќе ги чекаат украинските преговарачи. Нашата делегација ќе биде подготвена да го продолжи разговорот вечерва, рече Песков.

Кремљ со оваа изјава на Песков соопшти дека руските власти се подготвени за вториот круг од преговорите со Украина, но додава дека не е јасно дали на нив ќе се појават украински преговарачи.

дмитри песков
Дмитри Песков, портпарол на Кремљ / Фото: Слободен печат, архива

11:32 Навални ги повика Русите да излезат на улица и да се борат за мир

Рускиот опозиционер, кој е во затвор, Алексеј Навални на Твитер објави свое видување за војната во Украина и ситуацијата во Русија.

Навални во затворот нема пристап до интернет и се претпоставува дека му диктирал на својот адвокат.

Рускиот политичар Алексеј Навални/фото EPA

10:51 „Виз Ер“ нуди бесплатен превоз за 100.000 украински бегалци

Нискобуџетната европска авиокомпанија „Виз Ер” (Wizz Air) најави дека ќе обезбеди 100.000 бесплатни места во своите авиони за превоз на украински бегалци.

Во соопштението на „Виз Ер”се наведува дека авиокомпанијата „се чувствува должна да им помогне на украинските бегалци да стигнат до нивната дестинација”.

10:04 Путин нема да му одговори на Бајден за упатените лични прозивки

Рускиот претседател Владимир Путин најверојатно нема да одговори на зборовите што му ги упати американскиот претседател Џо Бајден во синоќешното телевизиско обраќање во рамките на својот говор „Состојбата на Унијата“ околу состојбата на нацијата

Во говорот Бајден му порача на Путин дека „доаѓа по него“ и дека тој е виновен за ескалацијата на конфликтот и потсети дека „историјата покажала“ дека диктаторите создаваат уште поголем хаос кога нема да бидат казнети или да платат висока цена за своите постапки.

Путин Бајден Украина Русија
Владимир Путин, Џо Бајден / Колаж: Слободен печат. – Иван Самарџиев

10:03 ОН апелира: Руската инвазија може да ги дестабилизира светските резерви на храна

Светските резерви на храна би можеле да бидат загрозени како домино ефект од руската инвазија на Украина, посочуваат хуманитерните организации кои нервозно ги набљудуваат блискоисточните и азиските нации кои се потпираат на земјоделскиот извоз од завојуваните страни, пишува германската агенција ДПА.

И Украина и Русија се клучни снабдувачи на земјоделски стоки, но жетвите сега се загрозени во Украина, а заглавени во Русија поради санкциите. Повеќе од половина од прехранбените производи што ги користи Светската програма за храна на ОН (WFP) во кризните региони потекнуваат од Украина.

09:36 Русија тврди дека го зазела градот Херсон

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руски војници го зазеле градот Херсон во јужна Украина, јави Ројтерс.

Доколку ова тврдење е точно, тоа е најголемиот украински град окупиран од Москва, јавија светските агенции.

Според руски извештаи, руските сили синоќа влегле во Херсон и руската армија синоќа била на улиците на градот.

Градоначалникот Игор Коликаев утрово за локалното радио изјави дека руските сили синоќа ја презеле градската железничка станица и пристаништето во вторникот вечерта, јавува Би-Би-Си Русија.

Херсон, Украина/ Фото EPA-EFE/OLEG PETRASYUK

09:23 Една недела од рускиот напад, Зеленски: Сакаат да нè уништат

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска, на седмиот ден од руската инвазија врз неговата земја и жестоките борби во повеќе градови, изјави дека досега се убиени речиси 6.000 Руси и дека Кремљ нема да може да ја преземе неговата земја со бомби и воздушни напади, пренесоа британските медиуми.

Осврнувајќи се на вчерашниот руски напад врз Бабин Јар – местото на масакрот на Евреите од Втората светска војна од страна на германските окупаторски трупи и украинските помошници, Зеленски кажа дека „овој удар докажува дека за многу луѓе во Русија нашиот Киев е апсолутно туѓ”.

Володомир Зеленски/ Фото EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

09:11 Претседателката на Тајван ќе ја донира својата месечна плата во Украина

Тајванската претседателка Каи Инг-вен изјави дека таа, потпретседателот Вилијам Лаи и премиерот Су Ценг-чанг ќе ја донираат месечната плата за да помогнат во хуманитарните напори за Украина, пренесува Ројтерс.

Војната во Украина емотивно влијае врз жителите на Тајван, бидејќи островот секојдневно се соочува со заканите од гигантскиот сосед Кина. Пекинг го гледа Тајван како своја територија и го засили воениот притисок за да ги потврди тие тврдења.

Тајванската претседателка Каи Инг-вен/ Фото EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

08:48 Харков: Најмалку 21 жртва, 112 ранети во гранатирањaта

Најмалку 21 лице загина, а 112 се ранети во гранатирања на источниот украински град Харков во последните 24 часа, соопшти регионалниот гувернер Олег Синегубов, пренесува Ројтерс.

Локалните власти соопштија дека руските ракетни напади го погодиле центарот на вториот по големина град во Украина, вклучувајќи и станбени области и зградата на регионалната администрација.

Харков
Харков / Фото: EPA-EFE/SERGEY KOZLOV

08:33 Канада испорачува противтенковско оружје, Јапонија испраќа 70 доброволци во Украина

Противтенковско оружје и напредна муниција ќе и испорача Канада на Украина како поддршка во борбата против руската агресија. Истовремено ќе го забрани и увозот на руска нафта, најави денеска канадскиот премиер Џастин Трудо.

„Канада ќе продолжи да ја поддржува херојската одбрана на Украина од руската војска. Ја објавувавме нашата намера целосно да забраниме увоз на сирова нафта од Русија, индустријата од која многу корист имаат претседателот Путин и неговите олигарси”, рече Трудо пред медумите во Отава.

70 Јапонци доброволно се пријавиле да се борат за Украина

Околу 70 Јапонци одговориле на украинскиот повик за странски доброволци да се борат против руската инвазија, јавуваат денеска западни медиуми.

08:19 Поранешен руски МНР ги повика руските дипломати на бојкот на политиката на Путин

„Ги повикувам сите руски дипломати да поднесат оставки во знак на протест поради војната во Украина”, напиша поранешниот шеф на руската дипломатија Андреј Козирев на Твитер.

„Вие, руските дипломати, сте професионалци, а не евтини пропагандисти. Додека работев во МНР бев горд на моите колеги. Сега едноставно не можете да ја поддржите крвавата братоубиствена војна во Украина. Навистина е време да престанете да зборувате и да дејствувате посилно! Главниот здравствен проблем на рускиот владетел и неговите соработници е лудото чувство на неказнивост, потхранувано од годините на западно смирување на страстите. Потребна е одлучна акција СЕГА, бидејќи во Украина се убиваат деца!”, се навеудва во изјавата на поранешниот висок руски дипломат.

07:45 Украина: Русија досега истрелала 113 крстосувачки ракети врз Украина

Од почетокот на руската инвазија, Русија кон Украина истрела 113 крстосувачки ракети, вклучувајќи и Искандер, соопшти украинскиот владин Центар за стратешка комуникација и информации на Твитер.

– Гранатирањето на украинските градови и пукањето врз цивили мора да бидат осудени од сите членови на меѓународната заедница, нагласува Центарот.

07:36 Безмилосен руски оган врз Харков, колони тенкови продираат кон Киев

Артилериски гранати и ракети од системот „град“ вчера со часови го разорувале Харков, при што според локалните власти загинале „десетици цивили“

Со безмилосни ракетирања на Харков, Киев, Мариупол и други украински градови, како и со активирање на уште повеќе моторизирани единици, руските сили вчера ја засилија воената инвазија врз Украина.

Главната цел на зајакнатата офанзива, според украинскиот претседател Володимир Зеленски, е главниот град Киев. Американската компанија „Максар“ објави сателитски снимки од огромна колона руски воени возила, долга повеќе од 60 километри, како продира од североисток кон Киев.

Харков со денови е ракетиран од страна на руската артилерија/Фото: EPA-EFE/SERGEY KOZLOV

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот