Во следните десет дена ќе се потпише договор со македонска компанија за изградба на интерконекторот со Грција
Во следните десет дена ќе се потпише договор со македонска компанија за изградба на интерконекторот со Грција на македонскиот дел до граница, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, во изјава за дописничката на МИА од Атина.
Препорачано
„Направивме сè за да биде успешен новиот тендер, добивме 12 милиони евра поевтина цена од првичната. Се чекаше на Европската инвестациона банка. Тоа требаше да биде во јануари меѓутоа заради некои административни процедури, до 10 мај ќе се потпише со прворангираната македонска фирма што беше избрана. Тоа е последен проект на ЕБРД што дава пари за гас. Тоа е нивна последна инвестиција во гас“, објасни Божиновска.
Таа додаде дека во Грција пред два и пол месеци компанијата „Терна“ ги започнала прелиминарните работи за грчкиот дел од интерконекторот за природен гас што ќе ги поврзе двете земји.
„Разговараме и со Србија таму имаме само 26 километри да изградиме од наша страна. Така да разговаравме тука и со заменик-министерката на Република Србија околу финансирањето, а ние ќе можеме да бидеме транзитна држава за централноисточна Европа“, рече таа.
Божиновска ја нагласи важноста на новиот закон за енергетика што е во собраниска процедура, за кој таа оцени дека требало да биде донесен уште во 2023 година.


