Во Скопје и годинава по старо – ќе се кити во „5 до 12“, а некои општини ни тогаш
Пет скопски општини досега немаат објавено јавни повици за украсување, а Општина Бутел објави дури денеска. Само неколку локации во Центар како и години наназад блескаат уште од крајот на ноември.
Додека сите градови низ Европа уште во ноември се новогодишно накитени, во Скопје празничната атмосфера веќе вообичаено ќе стигне дури по 15 декември. Во моментов кај нас сѐ уште не се завршени тендерите за украсување, кои ги распишаа Град Скопје и неколку скопски општини.
Препорачано
Исклучок од ова е само Општина Центар, која секоја година започнува со украсување неколку битни локации уште во ноември за нејзините жители подолго време да уживаат во празничното расположение.
Освен најавата од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски дека ќе има дочек на Новата година на плоштадот „Македонија“, сѐ уште не се знае ни кој ќе настапува ни каква програма се предвидува за најмладите, но и за возрасните.
Со ваквите задоцнети подготовки и активности, Скопје со години е исклучено од мапата на туристички посети во текот на новогодишните празници, во конкуренција на многу други градови што одамна ги повикуваат посетителите со богата програма и блескави плоштади.
Засега е сигурно дека новогодишна програма се подготвува во Центар.
Подготвуваме централна вечер, која традиционално ја правиме неколку денови пред самата новогодишна ноќ. Планираме неколку изведувачи, се разбира македонски, тоа е наш белег, да ја промовираме и да ја негуваме домашната музичка сцена. Ќе има и диџеј, но и интересни дружби со нашите најмали. И оваа година продолжуваме со одличниот настан „Џез под ламбa“. Ќе има и многу други изненадувања за центарци, но и за сите оние што ќе бидат наши гости за празниците – најави градоначалникот Горан Герасимовски.
Од другите скопски општини засега молчат на прашања дали и кога ќе украсуваат, колку пари предвидуваат за таа намена и дали планираат некаква програма за граѓаните во претпразничните денови.
Единствено се огласија од Аеродром и од Карпош. Од Аеродром велат дека сѐ уште не било целосно дефинирано, па кога ќе имале информации, ќе споделеле.
Од Карпош информираат дека во тек е тендерската постапка.
Тендерската постапка за избор на фирма што ќе ја украсува новогодишно општината, е во тек. Инаку, за оваа ставка, од општинскиот буџет се издвоени еден милион денари – велат оттаму.
Според јавниот повик на Општината, кој завршува денеска, се предвидува украсување на плоштадот „Делфина“, платото кај Млечен, кружниот тек кај гимназијата „Георги Димитров“ и плоштадот „Пецо Божиновски Кочо“.
На плоштадот во Влае ќе биде поставена елка висока најмалку 11 метри и една петметарска на кружниот тек, а ќе има и светлосни фигури на бандерите, светлосни мразулци и мрежи на грмушките, а канделабрите ќе блеснат со ЛЕД-сијалички. Вака украсени овие локации ќе бидат до 20 јануари.
Во Општина Гази Баба ќе се кити од 19 декември, а според тендерската документација, новогодишна атмосфера ќе има на плоштадот во Автокоманда, во паркот во Ченто, на плоштадот во Стајковци и на повеќе локални улици. Во Автокоманда ќе биде поставена 11-метарска елка.
До 10 декември трае јавниот повик со кој се бара фирма што празнично ќе ја украси општината Чаир. Општината планира да се украси административната зграда со лед светилки и ЛЕД-светилки во форма на капки, како и канделабрите и бандерите пред објектот.
На плоштадот „Скендербег“ ќе биде поставена 9-метарска елка, 3Д балон од 5 метри, светлосни мрежи и мразулци на скалите од страна на поранешната стоковна куќа „Мост“. Во Старата чаршија ќе има ѕвездено небо на потегот од плоштадот „Скендербег“ до Мурат-пашина џамија. Украсени ќе бидат и канделабрите со светлосни фигури на улицата Христијан Тодоровски Карпош, Џон Кенеди и на булеварот Цветан Димов.
Центар започна со украсување, се поставува деветметарска елка на сквер „Јадран“
На Електронскиот систем за јавни набавки засега нема објавено јавни повици од општините Ѓорче Петров, Аеродром, Кисела Вода, Сарај и Шуто Оризари, а Бутел објави дури денеска.
Оттаму уште пред десетина дена се пофалија дека општината ќе блесне во досега најубаво новогодишно руво.
Годинава ќе го имаме најубавото украсување и најубавата новогодишна бајка! Активностите за новогодишно украсување се во тек и наскоро нашата општина ќе блесне во новогодишно руво – објавија од Бутел на општинската страница на Фејсбук.
Во оваа општина административната зграда ќе биде украсена со светлосна завеса, ќе има и светлосни мрежи и новогодишна десетметарска елка. Но тоа е речиси невозможно да се случи пред 20 декември затоа што тендерот трае до 16-ти.


