Шилегов-Филипче-Деспотовски

Во СДСМ раскарани, пратениците верни на Филипче

Повеќето пратеници со кои контактираше „Слободен печат“ негираат дека ќе заминат од СДСМ и дека воопшто некој во пратеничката група разговарал за таков потег откако поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов најави дека половина од пратеничката група ќе ја напушти партијата

Пратеничката група на СДСМ е компактна, тврди лидерот на партијата и пратеник Венко Филипче, по најавата на поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов дека половина од пратеничката група ќе ја напушти партијата. И повеќето пратеници со кои контактираше „Слободен печат“ негираат дека ќе заминат од СДСМ и дека воопшто некој во пратеничката група разговарал за таков потег.
За обвинувањата на Шилегов и на поранешниот функционер на СДСМ Јован Деспотовски дека партијата под раководство на Филипче оди во бездна и барањето тој да поднесе оставка и да се извини, лидерот на СДСМ ги нарече овие сопартијци петтоколонаши, уценети и корумпирани, и порача дека не им се извинува на соработници на власта.

Пратеничка група СДСМ и колаицијата, Фото: Фејсбук СДСМ

Шилегов, во гостување на ТВ Телма, побара оставка од актуелното раководство на СДСМ и од партискиот лидер Филипче поради катастрофалните резултати на локалните избори.

– Да ја сведете поддршката на партијата на само стотина илјади гласови и само 15 пратеници, да станете петта партија во Скопје, трета во Македонија, што е тоа ако не катастрофа. Ќе дојде до определени барања не само од моја страна, туку од сериозна групација во партијата, меѓу кои има и актуелни пратеници, кои исто така немаат никаква комуникација со раководството. Кога ќе излезат од партијата, дел од пратениците, можеби половина од пратеничката група, кога дел од општинското раководство ќе ви ги затвори вратите, тогаш ќе сфатите дека мора да си заминете од функција – рече Шилегов.

Петре Шилегов / Фото: Јутјуб / скриншот

Според него, спорна е одлуката на Филипче да не учествува на лидерската средба и да не го поддржат законот за „Безбеден град“ и дека двете одлуки не се донесени од партиските тела.

Деспотовски побара извинување, во спротивно – тужба!

И Деспотовски преку Фејсбук обвини дека единствен одговорен за незадоволството помеѓу членовите на СДСМ е актуелното раководство и побара Филипче јавно да му се извини, во спротивно најави тужба.

– Мене, но и на секој социјалдемократ што се вградил во темелите на најстарата партија во Македонија, ни е доста од лагите, конструкциите и манипулациите на сегашното раководство на СДСМ. Единствен одговорен за незадоволство помеѓу членовите на СДСМ е сегашното раководство на партијата. Ниту сметам, а најмалку чувствувам лична одговорност за тоа што поранешни, а и сегашни функционери на партијата веќе јавно коментираат за состојбите во СДСМ и за политиките и одлуките на сегашниот партиски врв – вели Деспотовски.

Според него, никој освен сегашното раководство нема одговорност за исклучувањето на партијата од клучните процеси во државата. Додаде дека неучеството на лидерската средба е дистанцирање од сопствената земја и граѓани и дека е погрешно да се инаетиш за клучни закони што се од значење за безбедноста на граѓаните.

Јован Деспотовски / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

-Отворањето внатрешни битки и поделби е политиката на сегашното раководство на партијата, кое го применува како метод за опстојување и преживување. Доколку веднаш не следи јавно извинување и повлекување на сите лажни и навредливи наводи во серијата соопштенија, ќе бидам принуден да преземам правни чекори за клевета и лична, а потоа и за континуирано нарушување на угледот на СДСМ. Никој нема право со валкани игри да урива нешто што е создавано со жртва, верба и идеали – напиша Деспотовски.

Филипче: Организирани напади, со купени луѓе, некои уценети

Нападот врз него и партијата, Филипче ги карактеризира како организиран и координиран линч од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со Шилегов и со Деспотовски.

– Станува збор за организирани напади врз нас одвнатре, со купени луѓе, некои уценети. Организирани напади од контролирани медиуми и наши петоколонаши. Јасно е дека станува збор за сценарио за да ја запрат единствената конструктивна опозиција – рече Филипче.

Тој додаде дека двајцата сами се разоткриле, бидејќи пораките и обвинувањата се совпаѓаат со тие на ВМРО-ДПМНЕ.

– Вистинските членови и поддржувачи реагираа многу лошо на тие критики зашто не се издржани и затоа што станува збор за луѓе кои се или уценети или корумпирани. И кога имаме силна опозициска борба против власта, некои од членовите на СДСМ застануваат во нивна одбрана. Зошто тие не ја критикуваат Владата, туку се на нивна страна и обвинуваат зошто не сме биле на лидерска и зошто не сме го поддржале „Безбеден град“, тоа се прашања на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се поединци и на нашите членови тоа им е јасно. Нека тужи Јован Деспотовски за сè што сака, нема извинување на соработници на ненародна власт. Нема извинување! Пратеничката група е синхронизирана, компактна, имаме чести координации и едногласно е донесена одлука за „Безбеден град“ – рече Филипче.

Венко Филипче Фото: СДСМ

Тој додаде дека не отстапиле од партиските линии и вредносните политики и дека на претсојниот конгрес в сабота ќе ги презентираат новите постулати кои се темелат на социјалдемократските вредносни политики. Тој повтори дека вратите се отворени за сите членови, дека очекува успешен конгрес, дека се консолидирале општинските организации и најави дека партијата на Рубин Земон (Сојуз на балкански Еѓипќани – н.з.) ќе се претопи во СДСМ.

– Верувам во ова што го правам, работам милиметарски прецизна работа и добро сум пресметал пред да се нафатам што сакам да постигнам – општеството да заздрави, да биде исчистено од корупција и да влеземе во ЕУ. Ако граѓаните дадат доверба СДСМ да ја води владата, ние може да бидеме европска држава без корупција – рече Филипче.

За обвинувањата на Филипче, ВМРО-ДПМНЕ го праша лидерот на СДСМ како Шилегов е на ВМРО ДПМНЕ, а Филипче бил советник на министер од ВМРО-ДПМНЕ и како сите кои не мислат како Филипче, за него станале ВМРО-ДПМНЕ.

– Зошто воопшто ВМРО-ДПМНЕ би го рушела Филипче, преку Шилегов, кој СДС како најголем конкурент на ВМРО-ДПМНЕ ја направи трета партија во земјава, а петта во Скопје? Дали има некој поистакнат член на СДС, освен Жерновски од ЛДП, кој денес не бара оставка на Венко Филипче? Додека Филипче се кара за темата кој бил повеќе на ВМРО-ДПМНЕ, добро е да одговори на овие прашања. Сè друго е бегање од реалноста и од сопствената одговорност – реагира ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот