Во Пошта никој не побарал паричен надоместок за неиспорачана пратка

Фото: Драган Митрески / Слободен Печат.

Дали големите трговци како „Али Баба“ и „Али експрес“ се пожалиле во Македонска пошта дека овдешните граѓани неретко бараат поврат на пари поради непристигнатите пратки, што тие ги испратиле?

Светот стана една глобална продавница, а нашите сограѓани често купуваат од онлајн платформата „Аки експрес“. Иако во секојдневните муабети може да се слушнат чести реакции за неиспорачани пратки, во Пошта никој не побарал надоместок на штета. Причината е јасна – ако не ви стигне пакетот во Пошта на Северна Македонија, можете да реагирате кај компанијата каде што сте нарачале, а сериозните онлајн трговци ги враќаат парите. Но, според кажувањата на оние што практикуваат ваков начин на купување, неретко по извесен период и покрај вратените пари, стигнува и пратката. Оваа практика им станала јасна и на двете најголеми платформи за тргување „Али експрес“ и „Али Баба“, па според сознанијата на „Слободен печат“, реагирале во Пошта на Северна Македонија. Но, од Пошта ова не го потврдуваат и велат дека до нив не стигнале никакви жалби за надоместок на штета поради неиспорачани пратки.

– Досега, до АД Пошта на Северна Македонија нема пристигнато жалби за неиспорачување пратки од „Али Баба“ и „Али експрес“, така што не може да зборуваме за евентуално обесштетување на корисниците, односно нарачателите на нивните производи. Ризици од губење, задоцнување и оштетување поштенски пратки постојат кај сите поштенски оператори и секој од нив како и АД Пошта на Северна Македонија презема одговорност во согласност со Законот за поштенски услуги и актите на Светската поштенска конвенција – стои во писмениот одговор од Пошта.

Според законската регулатива, корисник-испраќач на поштенска пратка има право да поднесе писмена рекламација во рок од: три месеци, од денот на испраќањето на пратката, за пратки од внатрешен поштенски сообраќај и шест месеци, од денот на испраќање на пратката за пратки од меѓународен поштенски сообраќај.
На веб-страницата на АД „Пошта на Северна Македонија“ е овозможено и следење на поштенските пратки односно проверка на статусот на поштенската пратка што се отпремува од државата и која пристигнува во државата.

Единствен валиден систем за следење на поштенските пратки е системот за следење објавен на веб-страницата. Пратки што можат да се следат се сите книжени поштенски пратки (препорачани писма, вредносни писма, обични пакети, вредносни пакети, пратки на брза пошта и др.) кои во фазата прием добиваат единствена тринаесетзнаковна ознака во согласност со техничкиот стандард на Светскиот поштенски сојуз S 10, појаснуваат од Пошта.

– Сè додека во делот од – до на панелот следење пратки не се појави ознака MKSKP(X), пратката не е влезена на територијата на Република Северна Македонија. По појавата на оваа информација, во панелот пратката е влезена на територијата на нашата држава и е во процес на обработка во Главниот поштенски центар, кој вклучува и царински преглед на пратката од надлежната царинска подружница на Царинската управа на РСМ. Кога процесот на обработка во Главниот поштенски центар завршува, пратката се отпремува до одредишната пошта што е надлежна за достава, при што, по извршување на доставата, во панелот следење пратки стои поштенскиот број на одредишната пошта, а во забелешка доставена или испорачана – појаснија од Пошта.

Оттаму велат и дека системот евидентира и оставање на известување за пристигната пратка при неуспешен обид за достава и понатаму следење на пратката до испорачување односно враќање назад на приемна пошта во случај да не е подигната во законски пропишаниот рок за чување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот