Во очекување на нов „француски предлог“ Скопје не се откажува од европскиот курс

Димитар Ковачевски, Александар Вучиќ и Еди Рама
Димитар Ковачевски, Александар Вучиќ и Еди Рама на самитот ЕУ - Западен Балкан / 23 јуни 2022 / Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

На два дена пред завршувањето на француското претседателство со ЕУ, властите на земјата вчера информираа дека нема нови моменти во однос на нацрт-верзијата на предлогот на Франција за повлекување на бугарското вето на нашиот евроинтегративен пат, но порачаа дека остануваме целосно посветени на спроведување на реформите и задржување на европскиот курс на државата. Во исто време, претставници на ЕУ порачаа дека Унијата останува со Северна Македонија и дека во сечиј интерес е преговорите на земјата да почнат сега.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера пред обраќањето на работилница за подготовка на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост, изјави дека нема нови моменти во однос на предлогот на француското претседателство со ЕУ за тргање на бугарското вето за евроинтегративниот процес, додавајќи дека Владата останува на ставот дека претходно предложената верзија од Париз е неприфатлива за земјава и штом се дојде до предлог прифатлив и за Скопје и за Софија, тој ќе биде доставен до институциите на државава.

– Процесот со Бугарија се води од страна на Министерството за надворешни работи. Министерството за надворешни работи со своите експертски тимови разговараат со МНР во Бугарија. Во моментот кога ќе има прифатлив предлог од двете страни, тогаш тој предлог ќе може да биде ставен во институциите во Северна Македонија. Во овој момент таков предлог нема, изјави премиерот Ковачевски.

Минатата недела на прес-конференција по Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел, премиерот Ковачевски соопшти дека предложената форма на документот на француското претседателство за деблокирање на нашите евроинтеграциите е неприфатлив за земјава. Ковачевски рече дека државата има три клучни барања за преговарачката рамка, а тие се целосно признавање на македонскиот јазик, историските прашања да не бидат дел од неа и стартот на преговорите да не се условува со вклучување на Бугарите во Преамбулата на Уставот. Според премиерот, исто така, потребни се и гаранции оти нема да има нови услови од Бугарија и од Европската Унија.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, вчера на првата сесија на 19-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ, истакна дека без разлика на исходот од француското претседателство со ЕУ, земјава останува целосно посветена на спроведувањето на реформите и задржување на европскиот курс.

Тој нагласи дека е многу важно да се задржи и исполни определбата за пристапување на државите од Западен Балкан во европското семејство, утврдена уште во 2003 година на Самитот во Солун.

– Тоа денес е повеќе од кога било потребно, важно и да се случи без одлагање. Затоа е важно да се направи исчекор во позитивна насока, кој цврсто ќе ја гарантира европската иднина на нашиот регион, изјави Маричиќ, додавајќи дека сега е најважно да се потврдат европските вредности и да се валоризира она што сме го сработиле за да заврши „18-годишниот маратон” за старт на преговорите.

Маричиќ нагласи дека Влада на почетокот на годината започнала искрен и отворен дијалог со Бугарија за изнаоѓање достоинствено и взаемно прифатливо решение за отворените прашања. – Како Влада секогаш сме настапувале разумно и отворено за изнаоѓање на разумни решенија, но сепак, не можеме да прифатиме предлог кој оди надвор од нашите национални позиции, додаде Маричиќ.

Евроамбасадорот Дејвид Гир на состанок на Мешовитиот парламентарен комитет истакна дека во сечиј интерес е преговорите на земјава со ЕУ да почнат сега. – ЕУ останува со Северна Македонија, ние сме најголем донатор во земјата и ги поддржуваме реформите во разни области, а вложуваме и во инфраструктурата, работни места и деловни субјекти, истакна Гир.

Зборувајќи во име на Европската служба за надворешни работи и Европската комисија, Гир рече дека и покрај важните геополитички случувања на Самитот на ЕУ, за жал не можело да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, нагласувајќи дека „напорите се во тек”.

– Свесен сум за бранот јавна фрустрација и разочарување. Многумина разбираат дека членството во ЕУ дава најдобра перспектива за стабилност, просперитет и за демократската иднина на земјата. Не, тие не може да разберат зошто земјата не може да напредува на патот кон ЕУ. Треба да одработиме подобро, изјави Гир.

Според постојниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, Северна Македонија има важна улога во геополитичкиот контекст, но за жал, Европарламентот не успеа да убеди „некои од земјите членки”, вклучително и Бугарија, да го крене ветото многу порано, за да може да се даде зелено светло за иднината на Северна Македонија и да се свика првата меѓувладина конференција.

– Верувам дека и во иднина ЕУ ќе биде најдоброто место да се обезбедат стратешките интереси на оваа држава, на вашите граѓани. Мојот апел денеска е, ајде да се обединиме како да се бориме против корупцијата, како да се воспостават повисоки демократски стандарди и како да се реформира оваа држава и да оди на подобро, изјави Ќучук, додавајќи дека сегашната ситуација е тројна загуба – и за Северна Македонија, и за Бугарија и за ЕУ.

Копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ од европска страна Андреас Шидер истакна дека Европскиот парламент и посебно Делегацијата на ЕУ се силен поддржувач за брз почеток на преговорите на земјава.

– Ние сме убедени дека Северна Македонија заврши суштински и политички реформи, од правосудството и други централни точки, на кои соработуваме заедно и мислам дека почетокот на преговорите е најдобар начин. Но, разбирам дека има и црвени линии, бидејќи една земја, еден народ, не може прашања за идентитетот, јазикот и историјата да ги стави во преамбулата на Уставот. Како се третира и дискутира европската историја, не е така важно, како што е важно да се зборува за иднината на ЕУ и тоа треба да го знаат сите 27 земји членки, изјави Шидер.

Заменичката копретседавач на Комитетот од европска страна, словенечката европратеничка Ирена Јовева обраќајќи  на македонски јазик изрази убедување дека во иднина тој ќе биде и еден од службените јазици во Европскиот парламент.

– Од моја страна и од страна на Делегацијата и мнозинството во ЕП имате јасна поддршка кон европскиот пат и европските интеграции, но за жал, сите компликации кои ги гледаме не зависат од нас. Сепак ќе останам оптимист и ќе речам дека наскоро ќе можеме да го пофалиме конкретниот напредок, па и договорот, што верувам дека може да се случи, ако се најде политичка волја и искрена желба за соработка, изјави Јовева.

Во исто време, САД вчера соопштија дека ги поздравуваат напорите на Франција да се постигне успешно решение за повлекување на бугарското вето за евроинтеграцијата на Северна Македонија и остануваат подготвени да играат конструктивна улога во олеснување на компромисот.

– Со оглед на значењето на овој процес за земјите од регионот и за Европа пошироко, се надеваме дека дипломатските напори ќе продолжат и ќе продолжиме да ја нудиме нашата поддршка онаму каде што е од помош. Ја поздравуваме Франција за нејзините напори да постигне успешно решение за што побрзо започнување на официјалните преговори. Преговорите се уште се во тек, а ние остануваме подготвени да играме конструктивна улога во олеснувањето на компромисот, изјави портпарол на Стејт департментот, додавајќи дека Северна Македонија и Албанија ги поставиле темелите и оти сега е време да се придвижат напред кон следната фаза во процесот на пристапување.

Според вицепремиерот Маричиќ, Договорот за пријателство и добрососедство има свои инструменти на функционирање, од кој дел и Историската комисија, а протоколот за негово спроведување не може да биде услов во преговорите, ниту да биде спомнат во преговарачката рамка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот