Во Лисиче критична епизода со токсичен воздух, нема аларм за Скопје

Мерната станица Лисиче во Скопје покажува дека воздухот во овој реон е опасно загаден и веќе два дена по ред среднодневната концентрација на ситни честички ПМ10 е над 150 микрограми на кубен метар воздух, што е услов за аларм и воведување мерки во другите градови, но не и во главниот град. За да се воведат мерки против загадувањето во Скопје, потребно е условот за алармирање да е исполнет на уште една мерна станица во градот, а тоа не е случај. Сите останати станици, Центар, Гази Баба, Карпош, Ректорат и мобилната станица во Ѓорче Петров покажуваат зголемено загадување, но не доволно за аларм. На овие станици деновиве среднодневното загадување со честички е околу 100 микрограми на кубик воздух, а за заштита на човековото здравје дозволено е среднодневните концентрации да бидат до 50.

Во Лисиче пак е критично – таму веќе пет дена трае непрекината епизода со сериозно загадување. На 5 јануари дневната вредност на ПМ10 беше 154, на 6 јануари 194, на 7 јануари 150, а вчера 8 јануари беше 185!

Овие опасно високи концентрации на прав за време на празничниот викенд го сместија Скопје во топ-листата на најзагадени градови на светот на сајтот IQAir, според индекс на загадување. Утрово Скопје е на 13. место во светот со индекс на загадување од 171. Од европските градови на првите 20 места денеска на оваа листа е само индустрискиот град Краков во Полска, а сите останати се градови во Азија.

Според Државниот автоматски мониторинг систем во градовите од западната зона исто така загадувањето е над безбедните граници, но нема доволно за аларм. Кичево за малку би можело да ги исполни условите, но засега не – дневното загадување деновиве е блиску до 150 микрограми, а за вчерашниот ден е 152.

Слично е и во источната зона. Во најзагадената Струмица вчера концентрацијата на ПМ10 беше 164 микрограми на кубик воздух, но во претходните два дена има концентрација од 127 и 120.
Надлежните од Министерството стриктно се придружуваат до бројките, па само ако тие надминат 150 микрограми воведуваат мерки, а ако дневното загадување падне за само еден микрограм, мерките веднаш прекинуваат, како на пример, пред три дена во Битола, кога од 207 микрограми на 4 јануари вредноста на ПМ10 следниот ден на 5 јануари падна на 145, а во Струмица паднаа на само 149 мцг/м3 и мерките за двата града веднаш беа укинати!

Мерните станици во Кочани, Куманово и во Гевгелија се уште не испраќаат податоци и жителите на повие три града веќе со недели не знаат колкаво е загадувањето на воздухот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот