Во Козле зголемен број на деца со тешки пневмонии некарактеристични за летото – се истражува дали се со пост-ковид компликации

ЈЗУ Институт Козле /Скопје, 29 јуни 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Не само во Гевгелија, туку и во Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле има раст на бројот на деца со тешки пневмонии и долнореспираторни инфекции кои не се карактеристични за летниот период. Како што за „Слободен печат“ тврди болничкиот педијатар и началник на одделението Д1, доктор Лидија Стојановска, забележливо е дека има голем број млади пациенти со тешки клинички слики, тешка пневмонија, кои се отпорни на терапијата.

-Децата се на возраст над 3 години, но има и новороденчиња. Колегата од Гевгелија алармираше за состојбата која е слична и кај нас. Баш за тоа дискутиравме и на стручниот состанок, дека е невообичаено да се јавуваат вакви инфекции кои се карактеристични за есенскиот и за зимскиот период. Овие месеци, од сите што ги примивме, само една мајка и едно дете беа позитивни на ковид. Сите други со долнореспираторни инфекции беа негативни. И на стручниот состанок им кажав на колегите – треба да утврдиме дали евентуално се работи за пост ковид компликации кај овие деца. Бидејќи вирусолошки и бактериолошки не докажавме ништо и немаме етиологија за овие инфекции, треба да се направи студија за овие деца и да се види дали се тоа пост ковид долнореспираторни компликации. Децата најчесто асимптоматски го поминуваат ковид, меѓутоа пост ковид компликациите се посериозни и се манифестираат на најразлични начини, ни изјави доктор Стојановска.

Во болницата во Гевгелија пак, веќе екипа од Детска Клиника на чело со директорката, доктор Аспазија Софијанова, ќе врши увид на досиејата на 50те млади пациенти кои се јавиле во оваа болничка установа последните три недели, а имале тешка симптоматологија на долнореспираторна инфекција. Некои од нив морале да бидат и на кислородна поддршка па дури и да бидат препратени во Скопје. Повеќето деца оделе во градинка.

-Ќе направиме увид на сите 50 деца. Доаѓаме на Клиниката со опрема, да земеме еден цел респираторен панел и точно да видиме дали е вирус, мутација на вирус, паразити или сосема трет сој или нешто друго. Тоа ќе го кажеме откако ќе направиме прелиминарен увид во клиничката слика на децата и ќе направиме втора дијагностика. Кај децата најтипичен беше пост-корона периодот и ова може да се асоцира со пост ковид периодот. Од друга страна може да биде зачмаеност на имунолошкиот систем бидејќи децата беа изолирани дома, седеа не се движеа во училиште и имунолошкиот систем замре, изјави доктор Софијанова пред увидот во болницата во Гевгелија.

Децата се на возраст меѓу 2 и 5 години, но има и доенчиња. На сите млади пациенти во Гевгелија, кои се јавиле со симптоми на долнореспираторна инфекција им се направени брз антигенски тест и ПЦР тест кои биле негативни.

Во моментот во Гевгелија хоспитализирани се две бебиња заради превенција и тежината на клиничката слика а околу 20 деца се на дневна терапија, изјави за „Слободен печат“ директорот на болницата во Гевгелија, доктор Митко Крџев.

И во Валандово изминатите недели имало зголемен број на мали деца со респираторни инфекции. Педијатарот доктор Бети Чурлиновска за „Слободен печат“ вели дека причината за нив е ослабениот имунитет кај децата и изложеноста на топло и ладно.

-Овие две три недели имаме зголемување на број на деца со вирусни инфекции и висока температура, меѓутоа тие се горнореспираторни, не со бронхопневмонија. Само три четири деца со лесна форма на бронхитис. Меѓутоа, од изолација децата се пуштени во градинка нагло, па едно дете во затворен простор имунитетот им е опаднат бидејќи им е опаднат имунитетот и веројатно таа е причината. Освен тоа, изложени се на клима, секој двор има базени на 40 степени, а потоа влегуваат дома на климатизирано. Тука мислам дека е проблемот. Крвната слика укажува на вирусна инфекција која лесно поминува не сум имала хоспитализација и амбулантски се решаваа без проблем. Секој ден има по 2 до 3 деца со високи температури. Ова не е слично со состојбата во Гевгелија, зашто таму има лежечки пациенти со бронхопневмонија, вели за „Слободен печат“ доктор Чурлиновска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот