Во ДПМ ќе се одржи промоција на „Речник на псевдонимитe во македонската книжевност од ХIХ век“ од Славчо Ковилоски

Во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) на 26 октомври, во 12 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Речник на псевдонимитe во македонската книжевност од XIX век“ од Славчо Ковилоски. Промотори ќе бидат Димитар Пандев и Иван Антоновски.

Станува збор за издание во кое се дешифрираат скриените имиња на автори во македонската книжевност, без разлика дали се лажни имиња, кратенки, иницијали, знаци и сл.

Вкупниот број на автори изнесува 202 единици, а бројот на псевдонимите 640 единици. Притоа, авторите и псевдонимите се анализирани и синтетизирани во посебни категории.

Покрај нив, во посебно поглавје е посветено внимание на некои од родените имиња на дел од позначајните претставници на јавниот и општествен живот од овој период, како и на псевдоними и именувања на просветни дејци, револуционери и други активни учесници во општествените процеси кои објавувале во тогашните весници и списанија, но и во меѓусебната кореспонденција.

Во книгата теоретски е образложен пристапот при објаснувањето на методологијата, односно постапките за дешифрирање и категоризирање на скриените имиња. Овој дел е особено важен, бидејќи без соодветен критички метод на потврдување или негирање на авторството препишано според псевдоним, не може да се добие релевантен одговор, прецизно дефиниран, елабориран според современите концепции на теоријата на книжевноста, но и на книжевно-историските односи и практики.

„Речник на псевдонимитe во македонската книжевност од XIX век“ е прво вакво дело во македонската книжевност и треба да послужи како појдовна точка кон дешифрирање на македонските псевдоними во 20. век.

Славчо Ковилоски е научен истражувач, професор на Институтот за македонска литература. Автор е на повеќе дела од областа на книжевната историја и културологијата. Добитник е на најголемата државна награда за наука „Гоце Делчев“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот