Децата дури сега задолжително ќе се вакцинираат против варичела во Бугарија
Бугарија воведува задолжителната вакцинација против варичела за децата, почнувајќи од јули оваа година, објави „БТА“.
Препорачано
Задолжителната вакцинација против варичела или овчи сипаници ќе важи за децата родени по 1 јануари 2025 година и ќе се спроведува во две дози: првата доза на возраст од 12 до 15 месеци, а втората доза на четиригодишна возраст.
Измените на Правилникот за имунизација на Бугарија се објавени во „Државен весник“ на 9 јануари. Вакцината ќе биде бесплатна.
Децата, кои ќе заболат од овчи сипаници, нема да мора да ја примат втората доза по примањето на првата доза, под услов да постои медицинска документација или лабораториски доказ за прележаната болест.
Во ноември, во образложението на нацрт-измените беше наведено дека Националниот експертски совет за имунизации предложил воведување посебна вакцина против овчи сипаници во националниот календар за имунизација како задолжителна, со последователна бустер доза.
Дополнително, со објавениот правилник се воведува и можност за таргетирана вакцинација против респираторниот синцицијален вирус (РСВ) кај бремени жени помеѓу 24. и 36. гестациска недела. Оваа вакцинација е бесплатна и препорачана.
Таргетираната имунизација е вклучена во правилникот по предлог на Националниот експертски совет за имунизации, со поддршка од Експертскиот совет за акушерство и гинекологија и од главниот координатор на Експертскиот совет за неонатологија.
Што е варичела?
Варичела е заразна вирусна болест предизвикана од вирусот Varicella zoster, која најчесто ги погодува децата. Се пренесува лесно преку капки во воздухот или директен контакт, а се карактеризира со покачена температура, општа слабост и појава на типичен осип со плускавци исполнети со течност, кои подоцна се сушат и формираат красти.
Иако во најголем дел од случаите болеста поминува лесно, варичелата може да доведе до компликации.
Тешките форми на варичела кај децата доведуваат до кожни лезии предизвикани од секундарни бактериски инфекции. Кај возрасните, пак, најчести компликации се хематолошки нарушувања и пневмонија.
Кај имунокомпромитирани пациенти со овчи сипаници почесто се јавуваат хематолошки и гастроинтестинални компликации, се наведува во образложението за регулаторните измени.
Вакцините против варичела се живи атенуирани вакцини кои обезбедуваат високо ниво на заштита од болеста и значително го намалуваат ризикот од тешка клиничка слика и компликации. Вообичаено се даваат во две дози, првата во раното детство, а втората како бустер неколку години подоцна, со што се постигнува долготраен имунитет.
Вакцинацијата е широко користена во многу земји и се смета за безбедна и ефикасна, при што несаканите реакции најчесто се благи и минливи, како црвенило или лесна температура, а јавноздравствено придонесува и за намалување на циркулацијата на вирусот во заедницата.
Поради сипаниците во Грција се убиени над 433.000 овци и кози – 80 нови случаи


