ВИДЕОАНКЕТА | Дали граѓаните прележаа грип оваа сезона?
Јануари, ниски температури и чести временски промени – период кога традиционално се зголемува бројот на заболени од грип и заболувања слични на грип.
Препорачано
Според официјалните податоци од Министерството за здравство, на крајот на декември, односно во периодот од 22 до 28 декември, во Македонија биле пријавени 771 случаи на грип и заболувања слични на грип (инциденца 42 на 100.000 жители). Тоа е 2,5 пати повеќе во споредба со претходната недела и 3,4 пати повеќе од истиот период минатата сезона. За првпат оваа сезона е надминат прагот на вонсезонска активност и се бележи сезонска активност на грипот на национално ниво.
Од Институтот за јавно здравје апелираат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита, особено за лицата од ризичните групи.
Дел од анкетираните велат дека оваа зима веќе имале симптоми слични на грип:
„За Нова година, како се вратив дома, дигнав температура. Еве, уште се опоравувам“, вели еден минувач.
На прашањето дали се вакцинирани, дел од граѓаните одговараат негативно:
„Не, моментално не сум вакциниран“, вели еден соговорник.
„Не“, кратко додава друг.
Дел од граѓаните ја поддржуваат:
„Да, вакцинирана сум“, вели една постара госпоѓа.
„Топ е вакцината“, додава еден господин.
Други, пак, сметаат дека луѓето се збунети од различни информации:
„Едни ќе ви кажат примете вакцина, други ќе ви кажат немојте. И сега – на кого да му веруваме?“ – вели еден случаен минувач.
„Мислам дека луѓето не го сфаќаат доволно сериозно вакцинирањето, особено по ковидот и целата таа скептичност околу вакцините“ – објаснува едно момче.
„Помага, особено за постарите“.
Една постара вакцинирана госпоѓа се сомнева во квалитетот на вакцините:
„Порано знаевме каква вакцина добиваме, од кој квалитет. Сега велат од Запад ни ги даваат, па веќе не знаеме“, вели таа.


