Одбележувањето на Денот на победата во Берлин во 2020 година / Фото: Matthias Berg / Flickr

Во Берлин забранија руски и советски знамиња за Денот на победата

Руските и советските знамиња ќе бидат забранети утре во близина на советскиот споменик во центарот на Берлин, соопшти Вишиот управен суд во германскиот главен град.

Повисокиот суд ја поништи одлуката на управниот суд со кој се укина забраната за овие знамиња по повод одбележувањето на германската капитулација на 8 и 9 мај.

Така, околу меморијалниот комплекс во паркот „Тиргартен“ се забранети руското и советското знаме, како и лентата на Свети Ѓорѓија, формирана од три црни ленти, кои редовно се креваат во Русија за да ја одбележат победата над нацистичка Германија во 1945 година.

Црвената армија, заедно со американската војска, во мај 1945 година го освоила Берлин, по што САД и Советскиот сојуз постигнале договор градот и државата да се поделат на западен и источен дел – поделба која важеше до 1990 година и повторното обединување на Германија.

Украинските знамиња, кои првично беа забранети од полицијата, ќе бидат дозволени на собирот, одлучи управниот суд во Берлин.

– Проценката на полицијата дека (руските) симболи најверојатно ќе пренесат пораки на насилство во поглед на тековната агресивна војна против Украина, се покажа како основана, образложи Вишиот суд во својата одлука.

Се додава дека во сегашниот контекст тие симболи би можеле да се протолкуваат како порака за „симпатии за водењето војна“.

Одлуката на судот ја поздрави берлинската полиција која утре масовно ќе ги мобилизира своите членови за да се избегнат можни насилства.

Утре во Берлин се очекува собир на руски моторџии од клубот „Ноќни волци“, лојални на Кремљ, кои ја напуштија Москва на крајот на април.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот