Во Алтернатива деновиве ќе размислуваат околу понудата на Заев за влез во власта

Африм Гаши/ Фото: Архива на Слободен печат

Партијата Алтернатива на Африм Гаши во следните денови ќе одлучи дали ќе го прифати предлогот на премиерот Зоран Заев, кој го покани Гаши да разговараат оваа партија да стане дел од парламентарното мнозинство, велат од Алтернатива за Фокус.

Одлуката би требало да се донесе на партиски состанок, но други детали од Алтернатива не откриваат.

Заев денеска потврди дека во текот на денот имал комуникација Гаши и му предложил да го избере денот кога сака да се сретнат за да разговараат околу можноста Алтернатива да стане дел од Владата.

Гаши минатата недела изјави дека не добиле понуда од СДСМ и рече дека е принципиелно прво да дискутираат со ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците за да видат каков е нивниот капацитет за развој на понатамошните процеси и за излез од кризата. Сепак, СДСМ неофицијално разговара со повеќе партии за окрупнување на парламентарното мнозинство кое сега брои 59 пратеници, пишува Фокус.

Официјално од СДСМ велат дека следуваат разговори со „сите демократски сили и пратеници од демократскиот и прогресивниот блок“.

Пратеникот од Беса Кастриот Реџепи, кој во четвртокот не се појави во Собранието на седницата на која требаше да се гласа за доверба на владата и поради него пропадна опозициската иницијатива, денеска на прес-конференција изјави дека останува пратеник на Беса и дека ќе дејствува како дел од владејачката коалиција бидејќи, иако Беса соопшти дека излегува од Владата и министерот Аријанит Хоџа и двајцата заменик-министри поднесоа оставка, пратеникот тврди оти и за тоа е потребна одлука на Централниот одбор.

Алтернатива има четворица пратеници во Собранието, кои може да бидат одлучувачки за тоа кој ќе состави мнозинство.

Видео на денот