ВМРО-ДПМНЕ: Делото на Светите Кирил и Методиј е длабоко вкоренето во македонската национална историја
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, рече дека нивното дело останува трајна обврска за зачувување на македонскиот јазик, традиција и идентитет.
Препорачано
„Со особена почит и благодарност, денес оддаваме признание на светите браќа Кирил и Методиј, сесловенските просветители и основоположници на словенската писменост и духовност“, стои во честитката на партијата.
Од партијата нагласуваат дека глаголицата, како прва словенска азбука, имала пресудна улога во описменувањето и во духовното издигнување на словенските народи.
„Со создавањето на првата словенска азбука, глаголицата, Светите браќа Кирил и Методиј овозможија ширење на словото Божјо на разбирлив и на народен јазик“, наведуваат од партијата.
Во соопштението се потсетува и на значењето на Свети Климент Охридски во развојот на кирилицата, која, според ВМРО-ДПМНЕ, е темел на македонскиот јазик.
„Делото на Светите Кирил и Методиј е длабоко вкоренето во македонската национална историја и во културниот идентитет“, стои во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека 24 Мај треба да биде поттик за поголема грижа кон македонскиот јазик, традицијата и образованието.
„Да бидеме чувари на светлината што ја запалија Светите браќа Кирил и Методиј, зачувувањето на нивното дело е чест и одговорност кон нашето минато, сегашност и иднина“, наведуваат од партијата.
На крајот, партијата го честита празникот 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј.


