Сиљановска-Давкова: Кирил и Методиј се темел на духовниот и на културниот идентитет на словенските народи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод 24 Мај – Денот на светите браќа Кирил и Методиј, истакна дека нивното наследство е еден од основните столбови на духовниот и културниот идентитет на словенските народи, вклучително и на македонскиот народ.
Препорачано
„Малкумина луѓе во историјата имале чест да бидат перцепирани од многу народи и држави како апостоли и заштитници на Европа. Такви се солунските браќа“, порача претседателката.
Таа истакна дека Кирил и Методиј се творци на глаголицата, просветители и описменувачи на словенските народи, додавајќи дека нивното дело и денес има силна обединувачка моќ и претставува заедничко цивилизациско наследство.
„Кирил и Методиј го изградија и се вградија во темелот на духовниот и културниот идентитет на словенските народи, меѓу кои и на македонскиот“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката нагласи дека јазикот не е само средство за комуникација, туку и носител на колективната меморија, вредностите и чувството на припадност на еден народ.
„Јазикот не е само збир на зборови, туку и колективна меморија, вредносен код и чувство на припадност што еден народ ги пренесува низ времето“, истакна претседателката.
Во пораката, Давкова оцени дека денешното време на поделби и отуѓеност е потсетник дека без култура, образование, наука и вредносен систем не може да се изгради доверба и заедништво во едно општество.
„Светите Кирил и Методиј ја отворија можноста словенскиот човек својата мисла, вера и културна самосвест да ги артикулира на јазикот што го разбира и чувствува како свој“, порача таа.
На крајот, претседателката го честита празникот 24 Мај – Денот на светите браќа Кирил и Методиј.


