Влијаат на телесната тежина, срцевиот ритам, крвниот притисок: Несаканите ефекти на антидепресивите за првпат рангирани
Како дел од студијата на истражувачи од Кралскиот колеџ во Лондон и Универзитетот во Оксфорд, несаканите ефекти на антидепресивите беа рангирани за првпат и беа откриени значајни разлики помеѓу лековите што рутински им се препишуваат на милиони луѓе низ целиот свет.
Препорачано
Студијата анализирала 151 клинички испитувања со повеќе од 58.000 пациенти, објавува Би-би-си.
Резултатите, објавени во списанието „Лансет сајкајатри“, покажуваат дека некои антидепресиви предизвикуваат забележителни промени во тежината, срцевиот ритам и крвниот притисок – веќе во првите осум недели од терапијата.
Според резултатите од студијата, агомелатинот е поврзан со просечно губење на тежина од 2,4 килограми, додека мапротилинот ја зголемува телесната тежина за речиси два килограми. Нортриптилинот, како што покажа истражувањето, го забрзал срцето за просечно 21 отчукувања во минута во споредба со флувоксаминот, што пак го забавило. Разликите во крвниот притисок биле до 11 mmHg помеѓу поединечните лекови.
– Јасно е дека нема два исти антидепресиви – рекол Атишан Арумухам, еден од авторите на студијата.
Тој додаде дека разликите што изгледаат мали на индивидуално ниво можат да имаат големо влијание врз јавното здравје со оглед на бројот на луѓе што ги земаат овие лекови.
Студијата се фокусираше на првите осум недели од терапијата, но експертите предупредуваат дека физичките промени можат да се влошат со месеци или години со долготрајна употреба – особено кај пациенти со хронична депресија.
– Кумулативните ризици се веројатно поголеми отколку што мислиме – заклучил Прасад Ништала од Универзитетот во Бат, кој не бил дел од истражувачкиот тим.


