Фото: Приватна Архива

Владимир Блажев – Панчо ДНК: Среќни сме што сме луѓе на народот, а не татини и мамини инстант производи

По минатогодишниот сингл „Јави ми“, за кој имаа и анимиран видеозапис, ДНК сега ѝ го подарија на публиката новиот видеоспот за нумерата „Денови и ноќи“ , кој е посебен по темата што ја обработува.

Владимир Блажев – Панчо од групата „ДНК“ го остави микрофонот настрана и во спотот за „Денови и ноќи“, нивната нова нумера, „стана“ дилер на дрога. Приказната за овој спот е инспирирана од секојдневието, а со цел да им испрати порака на младите дека треба да им кажат „не“ на пороците.

Фото: Приватна Архива

– Со оглед на пандемијата и глобалниот застој, и ние се решивме јавно да паузираме, но работевме во студио. Во текот на пандемијата освен „Јави ми“ дојде песната за нашите херои, фудбалерите од македонската репрезентација, која несомнено стана неофицијална химна, а сега се случи „Денови и ноќи“. Искрено, ова видео требаше да го пуштиме во септември, но дуетот што требаше да го пуштиме пред овој сингл задоцни со видео, па се решивме да го пуштиме овој, и тоа во термин кој апсолутно е непогоден за пуштање на сингл. Инаку, инспирацијата е од секојдневието, а богами и текстот е таков, па ете смисливме приказна.

Конечно по речиси две години поради пандемијата, започнавте со настапи пред публика. Какво беше чувството по толку време да се застане на сцена и да се има дружба со публиката?

– Првиот настап пред публика беше на почетокот на јули во Струмица и беше феноменално, со голема доза трема како да ни е првпат, но, за среќа, траеше само за првата песна. На „Аларм фестивал“ поминавме одлично, а тоа се гледа и на фотките и на видеото што го имаме. Најмногу се изненадивме кога публиката заедно со нас ја запеа новата песна, која беше пуштена само два дена пред настапот, што ни докажа дека е нумера што е лесно певлива и „привлечна“ за уво.

Фото: Приватна Архива

Го спомена спотот со навивачка химна за Македонската фудбалска репрезентација, кој е навистина успешен и има повеќе од 500 илјади прегледи. 

– Драго ми е што стана неофицијално официјална химна. Кога нешто правиш од срце, а не за пари, резултатот е неминовен, впрочем и самите гледате.

Панчо, зад себе имаш 18 години искуство како диџеј. Работа за која велиш дека не се каеш ниту еден ден што си ја избрал и што ја работиш со голема љубов. Но, колку е исплатливо во Македонија да се биде диџеј, со оглед дека со годините си доаѓаат и други обврски што треба да се исполнуваат, како семејство, деца итн.

Фото: Приватна Архива

– Да се родам пак, истото би го избрал. И да, исплатливо е, јас живеам од тоа и од настапите со „ДНК“, што значи може да се живее од музика како и од која било професија, ако вистински ја сакаш, вложуваш и посветуваш време и внимание. Обврски се обврски, професија е професија, за тоа треба баланс. Време нема, но се наоѓа за сè, така што нема гајле.

 Многу македонски групи започнаа, траеја некое време, па се распаднаа. Само „ДНК“ остана да функционира до денес, и тоа верна на својот препознатлив звук и стил. Дури и името на групата ви стана дел од вашата лична препознатливост, па секој знае кој е Панчо ДНК или Андреј ДНК. Која е тајната за ваквата долговечност?

– Работевме многу напорно сè до моментот кога веќе не требаше да се претставуваме никому. Да не се разбереме погрешно, ние сè уште работиме и не се чувствуваме како ѕвезди, можам скромно да кажам дека сакаме да сме во златната средина. Ѕвезди и сензација не сме биле, ниту некогаш ќе бидеме. Ние сме луѓе како и сите други и не гледам зошто би се воздигнувале над некого. За нас човек е човек, има добри и лоши луѓе така ги делиме и нормално е да нè знаат повеќе од некој друг, бидејќи се занимаваме со јавна професија. Среќни сме што сме луѓе на народот, а не сме татини и мамини инстант производи. Можеби и затоа траеме сè уште и покрај фактот што сè уште се радуваме на секоја ново снимена песна како да ни е прв синг.

Фото: Приватна Архива

 Никогаш не сум те прашала – од каде дојде името на групата „ДНК“?

– Тотално спонтано, односно Александар Ристовски – Принц ни го даде седејќи кај него дома додека ни ја пушташе демо-песната што беше прв „ДНК“ сингл.

 Што следно подготвувате како „ДНК“?

– Албум, многу спотови и голем концерт наредната година во салата „Борис Трајковски“ по повод 20-годишното постоење. Се надеваме дека ќе се среди сè со пандемијата и кон крајот на наредната година ќе пееме сите заедно во арената „Борис Трајковски“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот