Владата утре ќе го преиспитува спојувањето на концесиите за рудникот
Рудник нема да има, затоа што ставот на министрите од Социјалдемократскиот сојуз е ист со ставот на граѓаните од општините во струмичкиот регион, Ново Село, Босилово и Василево, децидна е министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. Таа информираше дека Владата утре на седница ќе ја преиспитува одлуката за спојувањето на концесиите за рудникот во Иловица и ќе разгледа поопширна информација од министерот за економија Крешник Бектеши и вработените во Министерството за економија надлежни за доделување на концесиите.
Препорачано
– Ако приоритет на Владата е руралниот развој, струмичкото поле со неговата плодна почва е токму она што го работи оваа Влада – инвестирање во земјоделието, земјоделците и во домашното производство – рече министерката Тренчевска, одговарајчи на новинарско прашање.
Таа заедно со министерката за животна средина Каја Шукова присуствуваше и на протестот на активистите и граѓаните во Струмица против одлуките на судовите и Владата за спојување на концесиите за експлоатација на минерални суровини.
Оваа концесија, потсети Тренчевска, беше доделена во времето кога Владата ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ, кога Никола Груевски беше претседател на Владата, Христијан Мицкоски советник, а градоначалници на Ново Село и Босилово беа од ВМРО-ДПМНЕ.


